| четврток, 6 декември 2018 |

Свечено затворање на „Букстар 2017“

Утре, петти ноември во Клуб ресторанот МКЦ е свеченото затворање на третото издание на Фестивалот „Букстар 2017“. Со почеток во 20 часот, во Клуб ресторанот МКЦ ќе биде промовирана книгата „Нема стих, нема мир!“, антологија на бунтовна поезија од омилените автори, со што и официјално ќе се затвори годинашното издание на овој фестивал. Приредувач на книгата е Кристина Велевска.

Книгата ќе ја промовира книжевната проследувачка, критичарка и универзитетска професорка Весна Мојсова-Чепишевска. Со поетско читање ќе настапат и петнаесетина македонски писатели, преведувачи и јавни личности, кои ќе читаат стихови од песните поместени во антологијата, меѓу кои и: Иван Џепароски, Јулијана Величковска, Искра Донева, Маријана Јанческа, Јосип Коцев, Стефан Марковски, Лилјана Пецова-Илиеска, Дарко Ангеловски, Марија Грубор… За крај на промоцијата, но и на целиот фестивал, е предвиден концерт на групата „ПМГ колектив“.

„Нема стих, нема мир!“ е реализирана од страна на соработниците и пријателите на издавачката куќа „Антолог“ по повод третото издание на фестивалот „Букстар“. Триесетина поети, раскажувачи, есеисти, романсиери, преведувачи и јавни личности одбраа по две песни од своите омилени поети на теми како: бунт, револуција, револт, отпор. Дел од нив ќе настапат и на промоцијата. Оваа несекојдневна збирка на едно место ги вклучува Артур Рембо, Велимир Хлебников, Бертолд Брехт, Мирослав Крлежа, Данило Киш, Јехуда Амихај, но и Кочо Рацин, Ацо Караманов, Коле Чашуле, Лидија Димковска…

„ПМГ Колектив“ во оваа форма започнуваат со работа во 2003 година и набргу стануваат еден од бендовите предводници на новата македонска музичка сцена. Прават длабок музички засек во светското музичко искуство и го пресликуваат во македонската музичка реалност, давајќи му современ, динамичен и оригинален призвук. Звучното искуство би го локализирале некаде помеѓу креативната пост-панк мелодичност и сировиот танцов пристап. Една од најсилните карактеристики на бендот е нивниот жив настап, кој не остава рамнодушни во публиката, а многу лесно преминува и во вистинска журка. Бендот штотуку го издаде својот седми албум, под името „ПМГ Колектив Скопје“. „ПМГ“ настапува во живо, во следниот состав: Мирко Попов (машина, вокали), Синиша Евтимов (гитари), Теа Шалдева (вокали, синтисајзер), Александар Гавровски (бас).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top