| четврток, 6 декември 2018 |

Старите моми во Неготино добија пријател – градоначалникот ќе ги чести 500 евра ако се омажат

Старите моми во Неготино конечно ќе станат рамноправни со и старите ергени. Новата гарнитура на чело на општината ќе ја исправи неправдата, па и жените постари од 40 години, кои според програмата на поранешниот градоначалник Ванчо Апостолов не добиваа субвенции доколку стапат во брак, ќе добиваат по 500 евра општински пари за прв брак. Веста за предивидените измени во субвенционирањето на браковите во општината ја потврдува новиот градоначалник Тони Делков за „Фокус“.
Тој додава дека апослутно се согласува со реакциите на неготинчанките дека се дискриминирани според родова основа, и вели дека неправдата кон нив ќе биде исправена.

– Без дилема се согласувам дека истите мерки за поттикнување на бракови кај повозрасни лица треба да важат за припадниците на машкиот, но и за припадничките на женскиот пол. Планираме да направиме измени во овој дел, затоа што сите сме еднакви и нема потреби од вакви родови поделби. Но она што е загрижувачко во моментот, а кое што го согледав откако дојдов на функција, е податокот дека своите субвенции со месеци не ги добиле ниту ергените кои што стапиле во брак, ниту пак лицата кои што добиле новороденчиња, како што беше предвидено во програмата на мојот претходник. Работиме на решавање на овој проблем во најбрз можен рок, изјавил Делков за „Фокус“.

Во времето кога започна мерката за стимулирање на стапување во брак кај лицата постари од 40 години, пред околу две и пол години, беше воведена и мерка за стимулација на наталитетот во Неготино.

За првороденче 7.000 денари, 14.000 за трето дете и 30.000 за стапување во брак по 40 година и Неготино процуте

Според тогашниот градоначалник Апостолов, за секое новороденче во општината родителите добиваа по 7.000 денари еднократна помош, а по 14.000 денари за раѓањето на трето дете. Но, последната исплата на вие субвенции се случила во февруари годинава, и од тогаш ниту родителите кои што добиле принова, ниту пак повозрасните ергени кои што стапиле во брак не добиле ниту денар. Многу од нив реагирале, се јавувале, па и лично оделе во општинската зграда, барајќи одговор на прашањето дали и кога ќе ги добијат ветените пари, но до денес сеуште не биле исплатени.

„Станува збор за 90 лица кои што чекаат исплата на субвенции за новородено дете, и за едно лице кое чека исплата на субвенциите за брак на лица над 40 години. Согласно состојбата во буџетот, нивните побарувања ќе бидат подмирени во најкраток рок“, потврдиле од општината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top