| четврток, 6 декември 2018 |

Некој од Владата не знае што зборува: Заев се изгуби во англискиот, Шекеринска меѓу министрите

Само два-три дена откако Владата преку соопштение го коригира англискиот на премиерот Зоран Заев дека двата члена кои биле под истрага не биле од Владата туку од пошироката власт, Радмила Шекеринска синоќа во „Топ тема“ на Телма изјави дека истрагата за двајцата министри е порака до сите.

-Активно се бориме против корупцијата и не случајно двајца членови на Владата веќе се под истрага. Сузбивањето на корупцијата е многу важно прашање за регионот и за Македонија во правец на привлекување на инвестиции. Истрагите за двајцата членови на Владата се водат врз основа на јавување на граѓани. Тука се само два месеца и веќе се под истрага. Други детали не можам да кажам, изјави Заев на самитот Македонија 2025 пред неколку дена. Оваа изјава на Заев подоцна беше корегирана преку соопштение од Владата.

Неколку часа подоцна владината прес-служба испрати соопштение до медиумите со кое ја коригира изјавата на премиерот: наместо „двајца членови на Владата се под истрага поради корупција“ „се води истрага против двајца високи претставници на власта“.

„Доколку ние ги фокусираме нашите напори да ја искорениме корупцијата, овој чекор ќе биде силен ветер во грб за целото општество. Но, исто така, транспарентноста е многу важна. Ова го кажувам првпат, јас постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција и како резултат на тоа, во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта, кои се на должност неколку месеци. Се разбира, ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи еднакво за сите“, пишува во соопштението на Владата дека изјавил Заев.

Целава ситуација би била многу комична доколку изјавите ги даваат обични луѓе, но воопшто не е смешно кога премиерот и министерката за одбрана едно зборуват, а владината прес-служба друго. Изгледа не се знае во Владата кој пие, а кој плаќа, а уште помалку кој е главен. Оваа рашамонијада сместена на „Илинденска“ бб ни ја води државата – правецот е еден – бездбна!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top