| четврток, 6 декември 2018 |

Косовскиот премиер бара промена на пресудите за „Диво Насеље“

 

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска побара меѓународна истрага поради пресудата на Основниот суд Скопје 1 за 34 лица обвинети за тероризам во кумановската населба Диво Насеље.

„Со зголемено внимание го пратев процесот по трагичните случувања во Куманово во мај 2015 година и казните што се изречени од судот во Скопје. Правдата треба да дојде на свое место, тргнувајќи од целосно расветлување на случувањето и сите негови димензии. Меѓународната истрага би помогнала за целосно расветлување на вистината за која се залагаме сите” рече Харадинај.

Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли, како што јавуваат приштинските медиуми, го повикал на консултации амбасадорот на Косово во Скопје Илбер Хиса, но и амбасадорот на Македонија во нивната земја.

Судот за случајот „Диво насеље“ осуди вкупно 34 лица, од кои осум на доживотен затвор,13 лица добија по четириесет години затворска казна,а останатите добија од 12 до 20 години затвор. Поради одлуката на судот семејствата на осудените вчера палеа знамиња на Македонија во Гњилане и Пеќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top