| четврток, 6 декември 2018 |

Детали од „Диво Насеље“: Ние не сме терористи, ние сме УЧК, тајните служби нѐ наместија

На казна доживотен затвор се осудени седумина обвинети за терористичкиот напад во кумановско Диво Насеље, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.

На казна затвор од 20 години пак се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Четворица од обвинетите, пак добија и ослободителна пресуда бидејќи како што истакна судијката, обвинителството не доставило доволно докази. Ова е одлуката која денеска судијката Верка Петровска ја соопшти за обвинетите во случајот Диво Насеље, во кој беа убиени осум припадници на МВР.

Пресудата во судница ја случнаа само тројца од обвинетите, а останатите беа отстранети по наредба на судијката, бидејќи уште на почетокот станаа од своите столчиња, почнаа да зборуваат и да пеат. Еден од обвинетите во знак на револт беше соблечен гол до појас и полицајците го покрија со ќебе, а останатите во еден глас ја пееја албанската химна и извикуваа УЧК, УЧК, како и ветување си е ветување.

Поради настанатата тензична атмосфера во судница, судијката даде наредба да се отстранат. Пред да излезат еден од обвинетите извика:

– Ние не сме терористи, ние сме УЧК. Терористите го нападнаа парламентот, пратениците се тие, вие не нападнавте нас – рече еден од обвинетите.

Во моментот пред судот се присутни дел од роднините на обвинетите, кај кои видно е разочарувањето откако ја слушнаа пресудата. Радост имаше само кај четири семејства чии што блиски добија ослободителни пресуди.

Одбраната вели дека не очекувала корекни казни, но не очекувала ни драконска казна.

Обвинителството се уште не е реформирано. Со најавената меѓународна истрага ќе докажеме дека овие луѓе се донесени овде за туѓи интереси, изјави адвокатот на обвинетите во случајот „Дива населба“, Насер Рауфи.

-Сите бранители ќе поднесеме жалба на пресудите за обвинетите. Има информации за докази со кои ќе се докаже дека ова е монтирано рочиште. Со меѓународна истрага ќе се реши овој случај. Тајните служби се оние кои го измонтираа овој случај, вели Рауфи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top