| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Мигрантската криза покажа дека ЕУ не е Европа без интегриран Балкан

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во обраќањето на Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам хаус“ во Лондон, порача дека Европската Унија мора да изнајде нов начин на носење на одлуки во време на криза и потенцираше дека европските земји мора да имаат поголем слух за заедничките безбедносни закани.

– Балканот, за жал останува надвор од Европската унија. Ова искуство со мигрантската криза е лекција до европската бирократија да сфати дека Европската унија се уште не е Европа и не може да зборува од името на Европа. Балканот се уште не е дел од Европската унија.  И се додека Балканот не влезе во Европската унија, ЕУ ќе се соочува со ова што сега го имаме. Научивме дека во Европската унија безбедносните служби немаат доверба меѓу себе. Не ги споделуваат информациите, и не постои свест дека постои заедничка закана, рече Иванов во обраќањето на тема „Македонија, миграциите и безбедноста: научени лекции“.

Тероризмот, додаде, не е оној кој бил во шеесеттите, седумдесеттите години. Тероризмот ги користи сите нови технологии, социјални мрежи, користи дури кодирани сателитски врски и секој пат е понапред од било која полиција или разузнавачка служба.

– Оставени сами на себе, како држава увидовме дека мора да ги преземеме нештата во свои раце. Македонија најуспешно се справи со мигрантите. Колку што можеше, им помагаше на сите. Многу е лесно да се критикува од неутрална позиција, без да имате одговорност за последиците од сето тоа што се случуваше за време на мигрантската криза, порача претседателот на Република Македонија.

Зборувајќи за безбедносниот аспект на кризата, Иванов истакна дека иако балканската мигрантска рута е затворена, илегалната миграција се уште не е спречена и дека криминалните криумчарски мрежи имаат главна улога во генерирање на безбедносните закани за Македонија и Европа.

Иванов пред присутните во „Чатам хаус“ го образложи планот со кој, како што рече, Македонија успеа да го регулира мигрантскиот бран со еден влез и еден излез.

– Се покажа дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и поддршка и од страна на безбедносните служби и армиски структури, истакна македонскиот претседател.

Додаде дека тоа искуство, подоцна го прифатиле и други земји од Балканската рута, и армијата била таа која и помогнала на полицијата во контролата и регулирањето, со што пролетта 2016 Балканската рута беше затворена.

Македонскиот претседател истакна дека миграциите не се завршени, бидејќи во непосредна близина на надворешните граници на Европа се наоѓаат меѓу 20 и 30 милиони потенцијални мигранти.

Констатираше и дека на балканските држави им е потребна Европската Унија, бидејќи луѓето едноставно сакаат правна сигурност.

Во рамки на работна посета на Велика Британија, македонскиот претседател одржа обраќање на престижната Оксфордска унија и оствари средби со спикерите на двата дома на британскиот Парламент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top