| четврток, 6 декември 2018 |

Принцот Џорџ меѓу главните цели за ликвидација на ИД

Британскиот принц Џорџ е означен како една од главните цели за ликвидација од страна на терористичката организација Исламската држава (ИД), покрај американскиот претседател Доналд Трамп и папата Франциск, пренесуваат светските медиуми.

ИД неделава упати закана кон младиот принц објавувајќи негова слика на Интернет, со пораката „ниту британското семејство нема да биде оставено на мир“. Детето е сликано пред неговото училиште во јужен Лондон, чија адреса е наведена во објавата. Во пораката биле наведени и стихови од џихадистичка песна „кога војната ќе дојде со мелодијата на куршуми, ние напаѓаме барајќи одмазда“.

Безбедносните експерти, сепак, истакнуваат дека заканата не е сериозна, туку претставува обид за привлекување на внимание.

Доказ за намерите на ИД претставуваат листите за отстрел, објавени во последните неколку години. На нив вообичаено се наоѓаат високи функционери на западните безбедносни служби, професори, научници, политичари и други јавни личности.

ИД годинава објави листа од 8.700 имиња, за кои им порача на своите следбеници „да ги убијат, каде и да ги најдат“. Терористичката организација упати закани и кон американскиот претседател Доналд Трамп, повеќе членови на британското кралско семејство и други, додека во последните неколку години како цели беа означени и папата Франциск и помошничката на Хилари Клинтон, Хума Абедин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top