| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните во банките чуваат 222 милијарди денари, компаниите 80 милијарди

Депозитите во банките во Македонија се сигурни. Банките се ликвидни и стабилни, а граѓаните кои ги чуваат парите дома треба да ги внесат како штедни влогови затоа што така ќе оставарат одреден интерес за себе, а на банките ќе им овозможат дополнителни средства да ги пласираат онаму каде се потребни.

Ова беше порачано на денешното одбележување на Светскиот ден на штедење – 31 Октомври во Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија.

Граѓаните во банките во Македонија чуваат 222 милијарди денари, а компаниите 80 милијарди. Педесет и еден процент од депозитите се во денари.

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов постенцира дека штедењето има раст од шест проценти на годишна основа и оти тоа е солидно имајќи предвид амбиентот во кој е остварена.

Смета дека македонското население има потенцијал за повисоки стапки на штедење и се надева дека стапките ќе се вратат на она што беа пред кризата.

Го истакна трендот на зголемено штедење во денари и рече дека очекува тоа да продоложи, како и довербата во домашната валута.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, штедењето е најевтиниот извор за финансирање на домашната економија и ги охрабри банките да ги поддршат домашните компании во нивните инвестициски активности.

– Капиталот од странство е поскап, понедостапен и многу често понестабилен. Добро е што со завршување на кризата има раст на депозитите од околу шест проценти и очекувам во наредниот период да се остварат повисоки стапки на депозитите, изјави Тевдовски.

Коста Митровски, претседателот на Здружението на банкарство истакна дека бнакарскиот систем остварува високо ниво на стабилност и оти штедењето зазема централно место во работењето на банките.

Според него, традицијата на штедење во Македонија постои и таа банките треба да ја одржуваат со конректни производи.

Светскиот ден на штедење во Македонија се одбележува од 1999 година, а е воспсотавен во 1924 година во Милано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top