| четврток, 6 декември 2018 |

Адвокатка побара дисциплински мерки против Амфилохиј оти се меша во женската матка

Белградската адвокатка Јелена Дренча побара од Српската православна црква да преземе “дисциплински мерки” против митрополитот Амфилохиј, поради неговата изјава дека “Србинките станале мајки-чедоубијци”.

Митрополитот Амфилохиј за време на црковна служба во Косово на 15 октомври, наведе дека „во своите утроби српските жени секоја година убиваат повеќе деца отколку Мусолини, Хитлер и Тито”.

– Изјавата на Амфилохиј, дадена на “работното место на митрополитот”, за време на црковната служба во Пеќ, претставува нарушување на законот за дискриминација, нагласи Дренча.

Таа ја запраша СПЦ дали против Амфилохиј е покрената каква било постапка, бидејќи се прекршени одредбите на црковниот Устав и побара од црквата во најкраток можен рок да се изјасни по тоа прашање со цел да избегне тужба.

Поглаватор на СПЦ, патријархот Иринеј не ја оспори изјавата на митрополитот Амфилохиј.

Тој објасни дека “должност на жените е да раѓаат и да ја обновуваат нацијата”.

Иринеј на 28 октомври се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ, при што двајцата изразија загриженост за намалувањето на наталитетот во Србија.

Српската вицепремиерка Зорана Михајловиќ, минатата недела нагласи дека е неопходно жените сами да одлучуваат кога ќе имаат деца, без да бидат подложени на притисок.

– Како може една жена сама да одлучува, при целосна неказнивост, за живот или убиство на иднината на беспомошно и невино новороденче, каде е моралот, свеста – праша тогаш СПЦ.

Црквата наведе дека, абортусот “не е само правно, демографско или политичко прашање, туку пред се е егзистенцијално, етичко и аксиолошко”.

Во Србија годишно се извршуваат над 30.000 абортуси, според податоците на српскиот Институт за јавно здравје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top