| четврток, 6 декември 2018 |

Советот на обвинители ќе одлучува за кандидатите за јавен обвинител

Советот на јавните обвинители утре ќе одржи седница на која ќе ги разгледа поднесените пријави на огласот за Јавен обвинител на Република Македонија.

По седницата, како што се наведува во соопштението, Советот ќе даде мислење за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно законот.

Владата на РМ на 20 октомври ги достави апликациите на кандидатите за јавен обвинител до Советот на јавни обвинители.

На огласот за државен јавен обвинител пријавени се 23 кандидати.

Советот на јавни обвинители на барање на Владата во рок од 15 дена треба да и достави позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно законот.

Владата, пак, потоа до Парламентот доставува предлог за именување на јавен обвинител од пријавените кандидати, за кои Советот дал позитивно мислење.

Во случај Советот на јавни обвинители во рок од 15 дена ако не даде мислење за предложените кандидати, течат нови 15 дена. Доколку и тогаш не се изјасни, тогаш се смета дека мислењето на Советот е позитивно.

Доколку Советот за ниту еден од кандидатите не даде позитивно мислење, тогаш Владата може да му предложи на Собранието да го повтори огласот.

Владата на седница ги разгледува кандидатите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. По тоа одлуката оди во Собрание како предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас.

Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.

Новиот државен јавен обвинител треба да дојде на местото на Марко Зврлевски, кој беше разрешен од Собранието на 17 август годинава. До назначувањето нов јавен обвините, времено функцијата ја извршува Лилјана Спасовска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top