| четврток, 6 декември 2018 |

Белгиската Влада одби да му отстапи на Пуџдемон сала за прес-конференции

Сменетиот лидер на Каталонија Карлес Пуџдемон побарал да одржи денеска прес-конференција во меѓународниот прес-центар во Брисел, со кој стопанисува белгиската влада, но бил одбиен.

Белгиските медиуми наведуваат дека Пуџдемон бара друга просторија, од каде ќе ја одржи прес-конференцијата. Засега не е познато на што ќе се однесува неговата изјава. Според медиумите, можно е тој да објави дека поднесува молба за политички азил во Белгија, или дека ќе ја предводи „каталонскиот влада во егзил во Брисел”.

Претходно, каталонскиот сепаратистички советник Алеикс Сари Камарго најави дека Пуџдемон планира прес-конференција за денеска, на која ќе се „интернационализира контроверзната употреба“ на Членот 155 од шпанскиот Устав.

Белгискиот адвокат, ангажиран синоќа од Пуџдемон, прецизираше дека засега Шпанија не издала наредба за задржување и враќање на каталонскиот политичар. Белгискиот адвокат Пол Бекерт синоќа изјави дека Пуџдемон се наоѓа во Белгија и тој ќе ги застапува неговите интереси.

– Пуџдемон не е дојден во Белгија за да бара азил. За тоа уште не е одлучено, истакна Бекерт.

Во меѓувреме, шпанската Влада за денеска во 18 часот закажа вонредна средба, на која ќе се дискутира за одговорот на Мадрид во однос на неочекуваното заминување на Пуџдемон од земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top