Има еден ѕид што чува еден град и неговите 10 милиони жители. Ги чува од неколку метри длабоките води во заливот. Зад ѕидот лежи Џакарта, главниот град на Индонезија. Проблемот е што и градот, и ѕидот – тонат.
На Џакарта секој ден ѝ се заканува поплава, па и потоп. Некои делови од градот тонат и по повеќе од 20 сантиметри годишно. Голем дел од градот веќе се наоѓа под морското ниво. Ни ѕидот не е безбеден, дури и да престане да тоне – на некои места е пукнат, а некаде матната и загадена вода веќе претекува преку ѕидот.
Сукаеси е една од тие што живеат до самиот тој ѕид. Има 60-години и вели дека живее во страв секој ден. „Водата протекува низ ѕидот цело време, а во текот на плимата знае да почне да истекува и преку ѕидот“, вели за The Guardian.
А ѕидот не само што тоне, туку и веќе еднаш е надограден.
Венеција – бисерот на Италија, е изграден на острови и тоне секоја година по околу 2 милиметра (а еве како се брани). Џакарта одамна ја престигна, а посебно е загрозен северниот појас на градот, до самиот брег, каде живеат околу 4 милиони луѓе. Тој дел на Џакарта се наоѓа на околу 4 метри под нивото на морето, а ѕидот – кој би требало да го чува, тоне по околу 25 сантиметри годишно.
Зошто тоне Џакарта?
Поради сиромаштија, и тоа во прилично буквална смисла. Градот не може да достави доволно вода од околните резервоари на питка вода, па жителите се приморани да се потпираат на длабоки бунари и црпење вода од под сопствените нозе. Како резултат, подземните резервоари се рушат и така го снижуваат тлото.
Земајќи ја во предвид правата експлозија на нови станбени згради, трговски центри и владини канцеларии, што само го засилува колапсот на подземните шуплини, јасно е дека проблемот е сериозен и тежок за решавање. Притоа, изградбата на нови сообраќајници доведе до проблем со одлевањето на дождовните води, а истовремено подземните џебови не можат да го впијат дождот затоа што асфалтот не е порозен.
И така, Џакарта се врти во маѓепсан круг, каде на сé поголем број луѓе им е потребно сé повеќе вода.
Кон потопот на Џакарта дополнително допринесува и тоа што ни реките веќе не можат нормално да течат, или поточно – да истекуваат во морето. Имено, сите подолги текови на реките се наоѓаат под нивото на морето, а со секој дождлив период, на Џакарта ѝ се закануваат сé посериозни поплави.
Новите водоводи се сé уште во фаза на планирање, а експертите не запираат со предупредувањата дека Џакарта се приближува до точката од која нема враќање. Холандскиот експерт Јанјап Бринкман – кој со години работи на проблемот на Џакарта, вели дека се знаело дека градот тоне уште пред дваесетина години. Сепак, експертите не знаеле колку.
Увид добиле по поплавата во 2007-ма година, кога било измерено дека тлото пропаѓа во просек по 10 сантиметри секоја година, а на некои делови и многу повеќе. Во катастрофалните поплави од таа година, евакуирани беа околу 300.000 луѓе и имаше околу педесетина загинати.
На хартија, решението изгледа едноставно – градот мора да се реши од зависноста од подземните извори на вода кои се наоѓаат под неговите сопствени темели. Токио имаше сличен проблем во почетокот на ’60-тите. Во текот на 20-от век, градот потона за 4 метри, но тогаш решија да носат вода од околните региони. Токио денес воопшто не тоне.
Уште две години до катастрофа
Меѓутоа, еве, во Индонезија дури ни по 10 години нема никаков суштински чекор напред. Финансиските проблеми, другите инфраструктурни барања, децентрализацијата на власта – сé тоа игра своја улога во одложувањето на водоводот. Бринкман, пак, проценува дека градот е на само 2 години од катастрофа.
Во меѓувреме, се размислува и за еден друг проект, многу поамбициозен и многу поскап – проценет на 40 милијарди долари. Се работи за изградба на џиновски морски ѕид во должина од 40-тина километри преку џакартанскиот залив.
Поддржувачите на проектот велат дека со тоа Џакарта ќе добие огромна вештачка лагуна и место за изградба на нов луксузен град среде заливот. Можеби забележувате, со ова се игнорира вистинскиот проблем на обичните жители на Џакарта, кои во голем дел се сиромашни. Се знае кој ќе може да се пресели во луксузниот град…
Критичарите потсетуваат и на хроничниот недостаток на комунална инфраструктура во голем дел од градот. Имено, во градот и околу него течат десетици реки. Во нив се испуштаат најголем дел од отпадните води, а кога би се изградил ѕидот, голем дел од тие води би завршиле токму во вештачката лагуна. Како што велат и самите, би добиле голема септичка јама, а за која ќе платат десетици милијарди долари.
За сега сите проекти тапкаат во место, а луѓето како Сукаеси само чекаат ѕидот да попушти и водата да ги одвлече во Јаванското море.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст