| четврток, 6 декември 2018 |

Родители фалсификувале документи за да земаат детски додаток

Кривична пријава е поднесена против родители од село Врапчиште за фалсификување на годината на раѓање на ќерката, со цел да добијат додаток за четврто дете, со што го оштетиле буџетот на држава за 14.301 евра. Кривична пријава е поднесена и против гинеколог и социјален работник од Гостивар.

Министерството за внатрешни работи информира дека 52-годишниот татко Х.Н. и 30 годишната мајка Х.Р. од село Врапчиште шест години бесправно добивале додаток за четврто дете.

При поднесување и обновување на документација за право на родителски додаток, употребиле извод од матична книга на родени на име на девојче родено 20.09.2009 година, којашто била родена 20.09.2008 година, со цел користење на правото на родителски додаток за четврто дете што стапил на сила од 01.01.2009 година.

Гинекологот, од Приватата здравствена установа „Гинеко-мед“, се товари за кривично дело „злоупотреба на службената положба“.

„Третопријавената, Г.М. како одговорно лице во „Гинеко-мед“ на 22.12.2009 година и 11.05.2012 година, пополнила, потпишала, издала и заверила специјалистички извештај, во кој што било наведено дека второпријавената се породила со четврто дете на 20.09.2009 година, и дека ги извршила сите контроли во текот на бременоста во 2009 година“, соопшти МВР.

М.Г. пак, како социјален работник во Меѓуопштински Центар за социјална работа–Гостивар, при прием на документација од прво и второ пријавените, во период од 2009 до 2015 година, им изготвувала решение на родителите за остварување на родителски додаток за четврто дете, без да изврши увид и детална контрола на регуларноста на примената документација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top