| четврток, 6 декември 2018 |

Кој е Албанецот Самир Мане, новиот газда на Скопски саем?

Веста дека „Скопски саем” остана без имот, односно дека саемските хали и целото земјиште имаат нов сопственик, предизвика лавина реакции во јавноста. Се отворија многу прашања – како се случи да се изгуби толкав имот, што стана со удирањето темелите за нов трговски центар, зошто толку голем имот се заложил во банките, што се случило со земените кредити, кому банките му го продале имотот, зошто фирмата што со децении е специјализирана за организирање саеми во Македонија – „Скопски саем” има бугарски сопственик, а зошто имотот има друг сопственик…
Од компанијата „Скопски саем” на новинарските прашања даваат дипломатски одговори, а од Владата, пак, велат дека не може да се мешаат во работата на приватна компанија.

Така, она што засега е достапно, е богатата биографија на новиот сопственик на 155.000 квадратни метри во Скопје, лоцирани на само 1,5 км од центарот на Скопје, во општината Гази Баба, на раскрсница на две главни сообраќајници, во должина на просторот помеѓу бул. Александар Велики и ул. Беласица.

Продавниците „Нептун” најпознати од неговиот бизнис

Сопственик на „Балфин груп” е албанскиот милијардер Самир Мане. Во Македонија неговото име може да се поврзе со синџирот продавници „Нептун”, затоа што се во негова сопственост, и со „Сити мол”, затоа што тој беше негов инвеститор.

Мане е роден во 1967 година, во Корча. Студирал на Факултетот за геологија и рударство на Универзитетот во Тирана. Потоа заминал во Австрија каде што работел како преведувач, со што успеал да создаде контакти со успешни бизнисмени. Во Виена во 1993 година ја основал својата прва фирма „Алба трејд”. Од бизнисот со електронски уреди, добил идејата за снабдување на неговата родна Албанија и набргу ја формирал „Балфин груп”, во чиј состав е и познатиот синџир продавници за електронски уреди и бела техника „Нептун”.

Инвестициското портфолио на „Балфин груп” денес опфаќа активности за развој на недвижнини, продажба на мало, комерцијално и индустриско управување со просторот, услуги, рударска и металуршка индустрија, финансирање клиенти итн. Всушност, дел од „Балфин груп” се повеќе од 18 компании, а географски групацијата е присутна во неколку земји, вработувајќи повеќе од 3.000 лица.

Трговски центри, супермаркети, хотели

Во однос на градежните работи, портфолиото на компаниите на Самир Мане е богато. Во Албанија во 2005 година го отвора Универзалниот трговски центар, кој сè уште е најпопуларен центар во оваа земја. Истата година го отвори и првиот албански синџир супермаркети, „Еуромакс”. Во негова сопственост е и компанија „Фешн груп” преку која соработува со популарните брендови во модата какви што се „Манго”, „Кортефиел”, „Голденпоинт”, „Геокс”, „Парфои”, „Окаиди”, „Пренатал”, „Карпипа”, „Спрингфилд” и „Теранова”.

Во 2008 година Мане влегува и во бизнисот со храна. Тој е основач на „Фуд веи” – синџир од барови, пицерии и ресторани.
Во 2011 година, пак, „Џамбо”, најголемата продавница за играчки на Балканот, стана дел од „Балфин груп”, согласно со договорот за франшиза.

Во 2013 година „Балфин груп” стекнува со 100 проценти акции на „АЦР холдинг” и сега се нарекува „Алб хром”. Оваа компанија е лидер во индустријата за рударство и металургија на Балканот и втора по големина во Европа.

Во 2015 година бизнисменот влегува и во земјоделството преку компанија што се занимава со заштитни средства, како и со трговија на земјоделски производи.

Првиот албански милијардер со бизнис и во Македонија

Истата година Мане почна да го гради „Зелениот брег”, кој е меѓу најлуксузните комплекси на албанското крајбрежје. Проектот ќе биде готов во 2020 година, а во негови рамки ќе има хотел „Рамада”.

Годинава, пак, ја основал компанијата „Смарт поинт”, која работи во областа на електронската трговија, продажба на паметни уреди, телекомуникациски услуги.

Инаку, пред четири години агенцијата „Уелт Х” објави дека го откриле првиот милијардер во Албанија – Самир Мане, претседател и извршен директор на компанијата „Балфин груп”. Неговото богатство тогаш се проценуваше на 1,2 милијарда долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top