| четврток, 6 декември 2018 |

Серија нерегуларности – напади, агитирања, поткупувања

Колкава е тарифата за глас за градоначалник во Штип, не можеше да се утврди од видеото, кое денеска се лиферува низ медиумите, каде маж од ташничка што ја носи преку рамо, вади пари и на рака им дели на граѓани кои до него доаѓаат со возило. Овој случај како нерегуларност не го регистрирала полицијата, за МВР денешниот изборен ден е мирен.

Делење поткуп, закани, агитирање на гласачки места од високи функционери на политички партии, но и многу полиција на денешниот изборен ден од вториот круг на локалните избори. Најмногу полиција  во Штип и Кавадарци, кои го контролираат скоро секое возило кое се движи кон гласачките места, небаре е воведен полициски час, коментираат жители од овие градови. За МВР, пак бројноста на полицајците не е загрижувачки голема.
Фотографиите што на социјалните мрежи ги објавуваат граѓани од училиштето Ацо Шопов од Бутел покажуваат дека овие полицајци спротивно на законот и овластувањата си фатиле позиција на гласачките места, и како што сведочат граѓани буквално го „окупирале“ избирачкото место.
Инаку законот е јасен полицајци не смеат да присуствуваат на гласачко место, освен ако нема сериозно нарушување на јавниот ред и мир или пак доколку избирачкиот одбор не ги повика да интервенираат. Полицијата треба да биде оддалечена на 100 метри од објектот каде се гласа.
Дел од интернет порталите во текот на изборниот ден информираа дека, на локалниот пат Македонска Каменица – с. Дулица инспектори од МВР, во друштво на Бошко Стаменковски, кој е брат на кандидатот за градоначалник од СДСМ, денеска ги отстранувале од сообраќај возилата во кои биле гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, а ги пропуштале само возилата во кои се возеле гласачи на СДСМ, пренесуваат медиумите.
Претседателот на СДСМ Кавадарци, Зоран Ѓоргиев денес пак физички нападнал активисти на ВМРО-ДПМНЕ, јави порталот Курир. Како што пренесе порталот, тој не бил сам туку придружуван од партиски колеги од СДСМ.
Жители на Кавадарци, преку телефон се пожалија во Алфа, дека полициски патроли поставени на сите влезови и излези на градот вршат притисок врз патници.  Тие  велат дека  во близина на избирачкото место Слога во Кавадарци агитатори вршеле притисок во близина на припадници на полицијата, а полицајците не реагирале. Најголеми прекршители на изборниот закон за МВР и овој пат се оние што се сликале со гласачко ливче, тројца се санкционирани веднаш. Расчистена е и тепачката во Шутка, еден приведен по нападот на едно лице од неколкумина, инцидент што се случил околу 10 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top