| четврток, 6 декември 2018 |

Грците ќе одлучуваат на референдум дали смееме да го користиме терминот „Македонија“

Со иницијатива за референдум и лидерска средба под покровителство на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос излезе шефот на партијата „ Независни Грци “, Панос Каменос кој е коалициски партнер во владата на Алексис Ципрас.

Ваквата изјава на министерот за одбрана Каменос е во спротивност со изјавата на министерот за надворешни работи Никос Коѕиас кој пред тоа изјави дека за Грција е можно решение за името со географска одредница и зборот Македонија. Каменос за време на примање на награда од Александрискиот технолошкиот образовен институт во Солун, изјавил дека „се чини дека се доближуваме до решение на името“, но и дека неговата партија нема да прифати сложено име кое ќе го содржи терминот Македонија.

„Сакам да појаснам, не како министер за одбрана и член на владата, туку како претседател на Независни Грци, дека ние нема никогаш да прифатиме да биде вклучен грчкиот термин „Македонија“ во кое било решение дури и да биде предложено со наш глас и согласност. Кое било такво решение, освен едногласна одлука од партиите, ќе треба да биде резултат на народен референдум, каде што грчкиот народ ќе треба да одлучи“, рекол Панос Каменос – претседател на партијата „Независни Грци “

Грчкиот министер за надворешни работи Коѕиас во последниот брифинг за новинарите кажал дека проблемот со името се состои од четири дела, и дека само првите два дела се под мандат на медијаторот Нимиц, додека за другите прашања кои го вклучуваат и опсегот и начинот на употребата на терминот Македонија, но и изведените зборови од именката треба да се договорат со македонската страна. Поранешниот амбасадор во Грција Љупчо Арсовски претходно за телевизија 24 изјави дека овој став излегува од рамките на досегашните договори со Грција.

„Темата на разговор согласно она што е договарано и во времената согласност односно претходно во резулуциите кои ја донесоа времената согласност е јасна, тоа е разговори додека не се реши прашањето со името. Треба да одиме во внимателно читање на сите тие донесени и усогласени ставови во документите меѓу двете земји “, вели Љупчо Арсовски – поранешен амбасадор во Грција.

Каменос пак во своето обраќање кажал дека борбата за терминот Македонија е со цел наводно да не се загрози идентитетот на грчкиот дел на Македонија.

„Едната и единствена Македонија, грчката Македонија секогаш беше, а посебно во последните години, цел на словенската закана. Целта, не е само името, туку и територијалниот интегритет и најлошото, словенизирање на историјата и културата на Македонија, односно на грчкиот народ“, изјавил Панос Каменос – претседател на партијата „ Независни Грци “

Познавачите на проблемот со името посочуваат и дека немањето на единствен став на грчката влада за проблемот со името ќе придонесе за потешко доаѓање до евентуално решение.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top