Универзитетската професорка Билјана Ванковска, на својот фејсбук профил даде свој коментар за последната дебата околу предлог Законот за пушење, со кој ќе се легализира пушењето на јавни места.
Ванковска за оваа политика ги обвини оние, кои според неа, го донеле СДСМ на власт, а тоа се учесниците во шарената револуција, за кои вели дека ја споделуваат одговорноста со оние кои се вработиле во државната администрација.
Во исто време, Ванковска пишува дека во Македонија не само што нема подобрување, туку има и влошување на состојбата во медиумскиот сектор, економијата, невладиниот сектор и здравството.
-Искрено сочувствувам со оние кои од несебични мотиви учествуваа и ја поддржуваа Шарената (би рекла Камелеон) револуција. Сега им е многу тешко да признаат дека „релативизаторите“ беа во право кога беа скептични. Еве ги првите резултати од владеењето на „нивните месии“ и сликата не е нималку розова. Гледам дека мнозина се кршат во себе: доволно се чесни и умни да ја видат вистинската (голема) слика, ама се’ уште им даваат време на новите, да се докажат. Нема да бидам нежна кога ќе кажам дека сега одговорноста за сетирање на јавната агенда и за јавна критика е само нивна. Ние кои бевме и останавме критичари бевме стигматизирани и етикетирани како „бранители на криминалот“, „неутралци“ и што ли уште не… Со тоа нашиот глас е девалвиран, па оние на власт можат да си свиркаат. Токму затоа, ТИЕ се оние кои сега ќе треба да си ги вратат независноста и критичкиот ум, можеби нивната критика ќе има повеќе ефект врз една власт која демонтирајќи еден -ИЗАМ, сега инсталира друг -ИЗАМ. Интересно е што овие луѓе се нервираат што сме се активирале (макар на ФБ или со онлајн петиции) за еден очигледно лош закон (за пушење во јавни простории) – интересно, малкумина беа што се ангажираа за еден друг предлог закон (за употреба на јазиците). Нејсе! Сега ги нервирало што сме трошеле енергија на една безвезна работа како пушење на јавни места. Да, навидум трошиме време за една тривијална работа како пушење, а нема никаква посуштинска критика на фактот што здравството е во колапс и бебиња и натаму умираат, додека министерот трча во градоначалничка трка; децата одат во училишта носејќи си хигиенски средства од дома; се наметнува нов пакет на социјални давачки, додека продолжува трендот на задолжување; загадувањето на воздухот и натаму зависи од божја волја (ако дувне ветер или падне дожд); бизнис лобито ужива исти привилегии кај власта како и во времето на Груевски; проектите од типот СК 2014 се претвораат во СК 2018, итн – многу ги има. Како не гледаат дека и ова со пушењето е само уште еден доказ дека животот е празна фраза кога угостителското лоби има поголемо влијание врз јавните политики отколку здравјето на луѓето? Да, знам дека ви е тешко да признаете дека ве завеле, дека ве превеле жедни преку вода, дека уште еднаш сте се излажале – ама сега вие сте единствените кои можат и мораат да бидат куче-чувар, бидејќи немаме ни независни медиуми ни кредибилен невладин сектор (нивните се владини службеници). Затоа, проголтајте ја кнедлата и само напред! Ако сега не се воспостави контратежа на власта, ќе си имаме само нова сезона на истата сапунска серија на демократура. – напиша Ванковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ванковска: Бојкотирам сме ние, видливото мнозиноство од кое се плаши оваа забегана власт!
-
Ванковска: Она горчливо чувство кога кривичниот прогон не ти дава чувство на правда и сатисфакција!
-
Ванковска: Манифестот на Венко е нов Илинденски манифест, како порака дека треба да се фатиме за работа!
-
Ванковска: Според Уставот, за одлука за стапување во сојуз или заедница треба 900 илјади гласа „за“