Бугарската компанија „Енекод“, која требаше да го купи кавадаречкиот комбинат „Фени“, не ги уплатила потребните средства за да ја потврди купопродажбата. Вработените велат дека стечајот за „Фени“ станува се поизвесен оти роковите на попишаниот имот од извршителите се истечени и почнува наплатата на долговите.
„Договорот пропадна. Бугарите две недели преговараа, ветуваа сè и сешто, но ништо не уплатија. Рокот истече и сега имотот на фабриката е на банките и на оние кон кои имаме долгови. Ние сме на последно место со нашите побарувања“, велат вработените од фабриката.
Диртекторот на „Фени“, Јусуф Миракхмедов, повторно е недостапен за објаснување на случувањата во фабриката. На неговиот мобилен телефон цел ден се вклучува сандаче за оставање говорна порака.
Претседателот на синдикатот на „Фени“, пак, Ѓоко Палитов, вели дека се во исчекување.
„Немаме никакви информации за пропаѓање на договорот. И новото и старото раководство на фабриката се на состаноци во Скопје. Има многу шпекулации и сметам дека политиката е многу вмешана во овој случај. Ние имаме најава дека новиот газда, Бугаринот што ни се претстави како извршен директор на ‘Енекод’, ќе дојде и ќе ни даде информации за исплата на платите. За некој час очекуваме да добиеме информација. Со него треба да разговарам јас лично, но засега немам никаква информација“, изјави Палитов за „Макфакс“ .
На почетокот на неделава некои од вработените јавно се посомневаа дека продажбата е уште една измама, која на краток рок треба да му обезбеди бегство на сегашното раководство, кое, според нив, е највиновно и директно одговорно за прекинот на производството и огромните долгови на фабриката. Вработените ги кажаа сомневањата кога утврдиле дека за финализирање на договорот со бугарската компанија останува банките со кои соработува „Фени“ да се согласат на продажба, а за да се согласат, побарале кеш отплата на дел од долгот и гаранции за отплата на преостанатиот дел како доказ за сериозноста во намерите на инвеститорот, но не добиле никакви гаранции ниту, пак, отплата.
„Се сомневаме дека ветувањата за исплата на платите, и тоа во целосен износ, и отплатата на долговите се само димна завеса за бегство на раководството. Сегашните ќе си заминат, а новите за еден-два месеца ќе кажат дека не успеале да ја оживеат фабриката и одговорност за нелегалните дејства и одливот на пари што актуелното раководство ги реализира преку „Нова логистик“, фирмата што од ќерка на ’Фени’ стана приватна сопственост на менаџерката и блиска пријателка на Миракхмедов, никој нема да преземе“, се посомневаа вработените.
„Макфакс“ истражувајќи ја компанијата„Енекод“ дојде до податок дека за првите шест месеци од работењето годинава, компанијата пријавила загуба од 640.000 лева, односно 320.000 евра. За да го преземе „Фени“ компанијата минатата недела се обврза да го плати и целиот долг кој надминува 70 милиони евра.
Вработените во „Фени“ и денес се на работа, исто како и цел месец откако трае кризата во фабриката, иако производство нема, туку само се одржува топла единствената производна линија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст