| четврток, 6 декември 2018 |

Медицинска сестра од клиниката „Медикус“ го повлече сведочењето од пред 10 години

За време на судскиот процес против тројцата обвинети за трговија со органи на Косово, медицинската сестра која работела во клиниката „Медикус“ ја повлече изјавата потпишана пред десет години.

Станува збор за изјава, потпишана поради отстранување бубрег на еден пациент.

Мендехи Хајдари, која работела како медицинска сестра во „Медикус“ во близина на Приштина до 2008 година, кога истражните органи ја затвориле клиниката поради наводите за трговија со органи, вчера пред приштинскиот Основен суд ја повлече изјавата што ѝ ја дала на полицијата.

Обвинителката Валерија Болици ја праша Хајдари дали се сеќава која операција ја извршиле пред интервенцијата на срце на првиот кат, каде што работеле тогашниот сопственикт на клиниката Луфти Дервиши и анестезиологот Сокол Хајдини, таа одговорила дека не знае. Потоа обвинителката ја прашала дали се сеќава дека трансплантацијата на бубрег била извршена на првиот кат, но Хајдари изјавила дека се што знае е дека лекарите биле уапсени, персоналот сослушан, по што сфатила дека нешто се случува.

Болици прашала за изјавата која ја дала медицинската сестра во 2008 година, во која истакнала дека учествувала во трансплантација на органи.

– Дали паметењето ви беше посвежо тогаш или сега по 10 години, праша обвинителката, но Хајдари инсистирала дека никогаш не дала таков исказ, признавајќи дека потписот е нејзин, но не се сеќава дека ја потпишала изјавата.

На поранешниот сопственик на „Медикус“, неговиот син Арбан Дервиши и на главниот анестезиолог Хајдини повторно ќе им се суди поради обвиненија за учество во криминална организација во врска со трговија со органи, по што косовскиот Виш суд ги отфрли нивните првични пресуди.

Сиромашни луѓе од Турција, Русија, Молдавија и Казахстан наводно се испраќани на клиниката по убедување дека ќе добијат околу 15.000 евра за бубрег. Примателите на органи, главно Израелци, плаќале по 70.000 евра за еден бубрег. Полицијата извршила рација во „Медикус“ во 2008 година, по што еден Турчин, чиј бубрег бил отстранет, е пронајден на приштинскиот аеродром во лоша здравствена состојба.

Клиниката „Медикус“ се споменува и во извештајот на Европската комисија, каде се наведува дека некои припадници на Ослободителната војска на Косово тргувале со органи на заробени Срби за време на бомбардирањето во 1999 година.

Истражни органи ја затвориле клиниката во 2008 година, а оттогаш е сменет и нејзиниот сопственик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top