| четврток, 6 декември 2018 |

Бичиклиски: Во СДСМ ништо ново

Новото раководство на СДСМ, кое беше промовирано во петокот вечерта, е составено дел од луѓе кое биле членови на кабинетот на поранешниот лидер Бранко Црвенковски, а дел од луѓе кои имаат лични релации со досегашни политички и бизнис тајкуни од СДСМ, оцени денес владејачката ВМРО-ДПМНЕ

–          СДСМ ја испушти шансата да понуди комплетно нова политичка и кадровска понуда. Место тоа, тие понудија за членови на раководството луѓе на Бранко Црвенковски, луѓе на Радмила Шеќеринска и луѓе кои јавноста ги знае по нивно учество во многу погрешни политики на СДСМ – изјави  портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, александар Бичиклиски.

 

За потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека бил долгогодишен советник на Црвенковски во време кога тој ја извршуваше функцијата Претседател на РМ, а бил и  претседател на економско социјалниот совет на СДСМ.

Исто така како долгогодишен советник и соработник на Црвенковски, во ова раководство на СДСМ место обезбеди и Рената Тренеска Дескоска. Таа беше дел и од минатото раководство кога во СДСМ беше избрана да биде член на ЦО и ИО, како и член на советот на СДСМ за политички систем, рече Бичиклиски.

Тој оцени дека и Пеце Мирчевски е уште еден досегашен советник на Црвенковски кој обезбеди место во новото раководство на СДСМ.

– Очигледно и ова им беше малку, па ги поставија во највисокото раководство и Есад Рахиќ и Ванчо Ѓоргиев, познат како Ванчо Деликатес – рече Бичиклиски.

За Рахиќ, пак, рече дека бил човек за сите времиња во СДСМ и секогаш му бил на услуга на Црвенковски.

– За истакнување е и името на Ванчо Деликатес. Тој е поранешен пратеник на СДСМ од Кочани. Во неговиот град, луѓето велат дека е феудалецот на Кочани – рече Бичиклиски, додавајќи дека Ѓоргиев блискоста со Црвенковски ја градел во раните деведесетти години.

– Но тој не е сам и единствен пример во старо-новото раководство на СДСМ. Како во монархија, во раководството на СДСМ влегоа и Ѓоко Танасковски и Благојче Бочварски и двајцата деца на поранешни функционери на СДСМ, а денес газди – рече Бичиклиски.

Тој за новиот член на ИО на СДСМ и нов потпретседател на СДСМ, Александар Кирацовски од Битола, рече дека бил дел од луѓето на Радмила Шекеринска и додаде дека пред неколку години учествувал во крвава тепачка

– Во новиот ИО на СДСМ членува и Виктор Петрушевски од Куманово, кој во градот од каде што потекнува го знаат по две работи. Првата е дека партиски е вработен во ЈП Куманово Гас и втората е дека е потенцијален зет на градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски – Циц. Веројатно тој си обезбедил место во раководството на СДСМ заради втората причина – истакна Бичиклиски.

– Во новото раководство на СДСМ секако има место и за претставник на ГЕМ, подружница на СОРОС. Тоа е новиот потпретседател Фросина Ременска. Невладиниот Сорос сега и официјално, повторно влегува во раководството на СДСМ – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ .

Тој оцени дека со назначувањето на поранешниот претседател на ЗНМ, Роберт Поповски, за советник на Заев паднале маските дека станувало збор за независен новинар.

За двајцата нови членови на раководство на СДСМ,  Дамјан Манчевски и Јован Деспотовски, Бичиклиски вели дека биле десна и лева рака на Радмила Шеќеринска.

– Новото раководство на СДСМ е само шминка која треба да ја затскрие болната реалност за оваа партија. Но лицето се гледа. На тоа лице се луѓето на Црвенковски, луѓето кои се со години во раководството на СДСМ, нивните деца и зетовци, бизнис олигарсите на СДСМ и квази-независните новинари и невладини активисти –  нагласи Бичиклиски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top