| четврток, 6 декември 2018 |

Доделени НАТО сертификати во АРМ

Средната пешадиска баталјонска група (СПБГ) и ренџерската чета (РЧ) од составот на Армијата на Република Македонија, официјално ги примија НАТО сертификатите со оценка „борбено подготвен“ на пригодна воена церемонија која се оддржа вчера во касарната „Боро Менков“ во Куманово.
Реоценувањето на СПБГ и оценувањето рч, согласно НАТО концептот за оперативни способности-Ниво 2, беше извршено за време на вежбата „Македонски блесок-13“ во период од 2 до 6 октомври, на армискиот полигон „Криволак“, од страна на сертифициран оценувачки тим составен од национални и претставници од земји членки на НАТО.

За време на оценувањето, единиците на АРМ се оценуваа согласно листата на инциденти зададени од страна на оценувачкиот тим при што беа оценети во пет различни области: планови, операции, логистика, врски и администрација.

Пред построените единици, НАТО сертификатите со оценка „борбено подготвен“ на командантот на СПБГ и командирот на РЧ официјално им ги предаде командантот на здружената оперативна команда, бригаден генерал Зоран Милески.

Обраќајќи се пред присутните тој им го честиташе успешно завршеното оценување, вложениот напор и се што беше направено од страна на сите учесници во вежбата, притоа истакнувајќи дека сите заедно со здружени сили направивме уште една успешна приказна и дека величината на овој настан е уште поголема од причина што истиот се случува во јубилејната година во која АРМ одбележува 25 години од формирањето.

На церемонијата за доделување на сертификатите присуствуваа и командантите на 1.механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и на полкот за специјални операции, бригаден генерал Орце Јордев, од чив состав се оценуваните единици.

Со ова успешно завршено оценување и добиената оценка за „борбено подготвен“, единиците на Армијата на Република Македонија уште еднаш покажаа дека ги извршуваат задачите согласно високите НАТО стандарди рамноправно со земјите членки на НАТО.

СПБГ со ова оценување уште еднаш и во наредните три години ќе биде најголема единица во поширокиот регион, сертифицирана од Алијансата за учество во мировни мисии.

На крајот од церемонијата на дел од учесниците од средната пешадиска баталјонска група и ренџерската чета им беа доделени стимулативни мерки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top