| четврток, 6 декември 2018 |

Кубанските вакцини против рак ќе завршат на Дрисла

Стотина дози од кубанските вакцини против рак на бели дробови ќе завршат на депонијата во Дрисла. Тие се донација од Куба и во државата пристигнаа кон крајот на 2015. Но, рокот им е истечен уште пред неколку месеци и тоа за Сител го потврди и директорот на Клиниката за Онкологија Нино Васев.

Тој е категоричен дека оваа терапија не би ја дал на ниту еден пациент бидејќи се уште е во фаза на испитувања и не е согласно медицината базирана на докази. Васев во телефонска изјава ни потврди дека на 29 септември испратиле известување до надлежните во депонијата да ги земат дозите на вакцини за уништување.

Но, од Дрисла за Сител изјавија дека не добиле таков допис од Онкологија. Дека рокот им е истечен потврдија и од Агенцијата за лекови.

-Согласно законските прописи и рокови, Агенцијата за лекови и медицински средства на барање на Клиниката за онкологија и радиотерапија има издадено одобрение за уништување на вакцината поради изминат рок и истото е доставено до клиниката, стои во писмениот одговор од МАЛМЕД.
Оваа вакцина стана актуелна пред две години и тоа не само кај нас туку и во соседна Србија каде неколку пациенти добија ваков лек.

Кубански научници ја препорачуваа за болни со рак на бели дробови во трети и четврти стадиум. Во меѓувреме, откако влезе во земјата и како донација беа дадени стотина дози, примероци се испитуваа и на Фарамацевтскиот факултет.

Според информации на Сител, шестмесечните анализи не ги дале очекуваните резултати. И покрај интересот на македонски пациенти и нивни роднини, на ниту еден граѓанин со ова тешко заболување не му беше дадена ваква вакцина. Од друга страна, за лекарите покрај составот, спорен бил и самиот фабрички рок на вакцината како и малиот број на клинички испитувања за ефикасноста. Затоа овој лек остана во фрижидерите на Онкологија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top