Овие денови сме сведоци на една специјална психолошка војна. Втеруваа страв на сите страни, заплашувања, притисоци, закани за бркања од работа, а во исто време демонстрираат надменост и арогантност. Главната работа како Влада им е, не да привлекуваат инвестиции и инвеститори кои што ќе отвораат нови работни места, туку како да направат штета, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Греувски денеска од Градско.
-Главната алатка на СДСМ не е да ги чујат потребите на граѓаните, туку да ги заплашат со полицијата. Станавме држава во која наместо полицијата да апси криминалци, таа го штити криминалот. Но, забораваат, можеби сега се во облаците, но колку повисоко летаат, падот ќе им биде поболен, колку повеќе се закануваат, толку повеќе сме непокорни. Колку повеќе сакаат да внесат страв, толку повеќе им порачуваме дека не им се плашиме. Забораваат дека ние сме ВМРО и дека во нас гори таа пркосна идеја која се спротивставила на многу поголеми и пострашни закани од овие, на овие неспособни луѓе, истакна Груевски.
Според него, СДСМ нема никаква програма, ниту проекти, па затоа зборува за воздух, ветер и магла.
-Видоа дека не можат да се мерат со нас со работа, со резултати и удрија на криминални избори. Во првиот круг видовме како СДСМ организира избори, страв и притисоци на сите страни. Во Македонија спроведоа класични африкански избори. Стигнавме на рангот на Сомалија и Кенија. Пукнат череп на градоначалник, убиен носител на листа на една од листите, искршени штабови на ВМРО-ДПМНЕ, следени кандидатите за градоначалници, слики на партиски активисти во натпревар кој има поголем и поопасен пиштол, а полиција молчи. Молчи затоа што е соучесник во овие работи, посочи Груевски.
Вели дека секој ден се дознава за случаи на поткуп, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ реагираа на овие случаи, а СДСМ уште следниот ден продолжува со таа практика.
-Нема да не скршат, затоа што народот гледа што ни се случува и ќе им се врати како бумеранг и ќе има одговорност. Нема да не скршат, нема да им дозволиме да не скршат. Крајната цел на сето ова е да се сузбие секој слободомислечки Македонец кој се грижи за својата држава, го сака својот јазик и својот идентитет. Преку разни механизми да се делува, сакањето на државата, почитта кон својата земја да стане нешто што не е модерно, нешто што не е во тренд, нешто што е демоде, а модерно да стане легализација на геј браковите, посвојување на деца во хомосексуални браков, модерно да стане легализација на марихуаната или максималното консумирање на алкохол и такви работи кои што во секоја земја не се нормални. Нормалното да стане ненормално, а ненормалното да стане нормално. Кон тоа не води СДСМ, потенцира Груевски.
-Криминалците на слобода, а патриотите по затвори. Красниќи, а Едмонд Темелко, борецот за човекови права на Македонците во Албанија, во затвор. Убијците на децата од Смилковското езеро кои што свирепо ги убија ќе ги пуштаат на слобода, а дедото за кубење коса – четири години затвор. Немилите настани на 27 април беа намерно испровоцирани. Тие беа реакција на реакцијата за нелеглен избор на претседател на Собранието, вели Груевски.
Нагласи дека со помош од надвор, Заев од криминалец се направил жртва, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи се во рамки на инстутциите овие луѓе да се ослободат.
-Тие згрешија што влегоа и физички се пресметаа со дел од пратениците во Парламентот. Тоа беше погрешен чекор. Но, тоа го направила луѓе кои беа таму од патриотски причини. Кога гледаме како на слобода се пуштаат тешки криминалци како Бајруш, како Красниќи, како Рахиќ, дилер на дрога. Кога гледаме дека над 1.000 затвореници ќе ги амнестираат од кои што најголем дел за тешки телесни повреди, па што е тоа што го направија оние луѓе на 27 април во споредба со криминалите и се она што го правеле овие криминалци кои што сега, само затоа што дојде Заев на власт ќе ги пуштат на власт, нагласи Груевски.
Потенцира дека додека се прават овие спектакли, економијата во Македонија оди надолу, додавајќи дека се бележи пад на индустриското производство, извозот, девизните резерви, инвестициите, работните места, просечната плата. Тој нагласи дека пензиите не се зголемуваат, а стандардот се намалува, а со тоа расте и сиромаштијата.
-Ниту се зборува за зголемување на платите на докторите, а ветуваа дека ќе им ги зголемат на 1.500 евра, ниту за субвенции, ветуваа раст од 10 отсто, за повисока просечна плата и да не зборувам, ветуваа 500 евра, а таа веќе се намалува. Сето ова го заборавија, но не заборавија да склучат штетен договор со Бугарија без да го прашаат народот, рече Груевски.
Тој побара референдум за народот да се изјасни по ова прашање. Груевски посочи дека со Договорот за добрососедство со Бугарија, Македонија се откажала од своето малцинство во таа држава, од македонскиот јазик и се кажува оти македонската историја била бугарска, а со тоа се согласува на промена на учебниците.
-Нашите деца во иднина да учат дека Илинденското востание не било македонско, туку било бугарско, дека првата пушка на Македонскиот народ против фашизмот во Прилеп и Куманово не било тоа, туку била идеолошки конфликт на различните страни на бугарското население во Македонија, појасни Груевски, додавајќи дека тоа е големата слика каде што основно е промена на името и на идентитетот на Македонците.
Според него, дел од таа слика е и воведувањето двојазичност во Македонија со, како што рече, неуставен закон за кои тие знаат дека е неуставен, но го туркаат. Груевски потенцира дека дел од таа слика е и трајното населување на мигранти во Македонија, како и зголемувањето на даноците.
-Она за што почнаа да градат атмосфера е легализација на хомосексуалните бракови и можност тие да усвојуваат деца. Тоа е тоа редефинирање, целосно спротивно на волјата на народот кое го тераат на сила, со закани, со присилување на луѓето да гласаат, со уцени, со заплашувања и најмногу со потплата и со поткуп, рече Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им се обрати и на фунцкционерите на СДСДМ посочувајќи им дека за неколку години ќе се срамат и ќе одат со наведната глава. Според него, СДСМ има богати спонзори, но ги нема парите со кои може да го купи достоинството на народот. Груевски потенцира дека нема аир од функции кои се добиени лажејќи го и народот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара од неопределените кои се загрижени од она што се случува во Македонија, да излезат и да го дадат својот глас во вториот круг на локалните избори, на 29 октомври.
-Сакам да ве поттикнам се спротивставите, да излезете на гласање и да го дадете вашиот глас, гордо и достоинствено, знаејќи дека ние сме тука секогаш кога на Македонија, на вашата општина, тоа и е потребно. И секогаш така ќе биде. Тие што владеат со криминалци и со корупција, треба да знаат дека нема хунта која не била победена од народот, истакна Груевски, додавајќи дека нема помрачување кое не било осветлено од народот.
Според него, СДСМ лажел дека се бори против режи, а сега тие станале најголем режим.
-Лажеа дека нема слобода и демократија, а прво нешто што направија кога дојдоа на власт – ја укинаа демократијата, и секој ден, чекор по чекор, ја земаат слободата. Велеа дека нема независно, а прво што направија кога дојдоа на власт, ги уценија сопствениците на медиумите и ја одземаа нивната независност, рече Груевски.
Порача дека Македонија и припаѓа на народот, и оти СДСМ нема да успее да ја украде. Нагласи дека нема да успеат да ги скршат, ниту да ги уплашат. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека граѓаните заедно не смеат да дозволат СДСМ да има апсолутна власт, но и да не дозволат тие да ги одземат бастионите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Сите овие години на власт, кога СДСМ беше на власт покажаа како со ништо не придонеа за Градско. И овие 5 месеци откако се на власт апсолутно ништо не направија за општина Градско. Во општина Градско во 2006 година бројот на вработени лица беше околу 250, толку беа се на се, вработени регистрирани лица во општина Градско, а бројот на вработени на крајот на минатата година е 550. Невработеноста во Градско драстично опадна, вработеноста повеќе од дуплирана. Истовремено сакам да ви најавам дека ќе обезбедиме учениците од прво до петто одделение да имаат бесплатен, здрав оброк, најави Груевски.
Потенцира дека градоначалничката на општината ќе овозможи, жителите кои немаат сопствен дом, да се стекнат со дом, со тоа што ќе имаат можност да купат земјиште по 1 евро, почетна цена за метар квадратен. Груевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нуди концепт со кој нема да има неосветлена и неасфалтирана улица. Според него, градоначалничката ќе изврши санација на мостот во село Уланци.
-Реконструкција на локалниот пат Градско – Долно Чичево. Истовремено, планираме изградба на алтернативен пат за село Уланци, како и реконструкција и проширување на локалниот пат за село Виничани. Предвидуваме реконструкција на улицата „Илинденска“ во Градско, како и реконструкција на улиците „Александар Македонски“, „Панко Брашнаров“ и „Питу Гули“, најави Груевски, додавајќи дека планирана е и реконструкција на улиците во населените места Виничани, Кочилари, Уланци, Стопанство.
Нагласи дека е планирана реконструкција на водоводната мрежа во Градско, изградба на причестителни станици. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најави и изградба на канализација во Стопанство и Долно Чичево. Според него, ќе се изградат тротоари и паркинзи во централното подрачје на Градско, а со тоа населбата ќе добие нов, урбан лик.
Планирана е и изградба на нова индустриска зона со што ќе се отворат нови работни места. Груевски посочи и дека се планираат две нови градинки, со што капацитетот на згрижување на децата ќе се зголеми за нови 100.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст