| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Целта на сето ова што ни се случува е промена на името на државата, јазикот, нацијата, промена на идентитетот

Просечната плата наместо да расте, како што ветуваа, таа опаѓа. Ветуваа дека пензиите ќе се зголемат, не се зголемија, се запре зголемувањето на пензиите. Стандардот не оди нагоре, туку се намалува.
Ова денеска во Демир Капија го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, додавајќи дека сиромаштијата расте.

-Погледнете, ниту се зборува за платите на докторите, на лекарите кои ги ветуваа, ниту за субвенциите на земјоделците, за повисока просечна плата, пак, да не зборувам. Сето ова го заборавија, но не заборавија да склучат штетен договор со Бугарија, со кој што без да го прашаат народот се согласија од откажување од македонското малцинство таму, од македонскиот јазик и од македонската историја. Се согласија да се сменат учебниците од македонската историја и во иднина нашите деца да учат дека Илинденското востание било бугарско, а не македонско, дека 11 октомври не било пукање на првата пушка против фашизмот во Македонија од страна на македонскиот народ, туку идеолошки конфликт меѓу бугарското население во Македонија, меѓу левицата и десницата, посочи Груевски.

Потенцира дека на сето тоа СДСМ се согласиле без да го прашаат народот и повика на рефендум, за граѓаните да кажат што мислат за договорот со Бугарија.

-Ова е само предигра. Целта на сето ова што ни се случува е промена на името на државата, јазикот, нацијата, промена на идентитетот. Исто така, во овој пакет кој што тие го нарекоа редефинирање, освен промената на името, идентитетот, освен штетниот договор со Бугарија, се планира и двојазичност на целата територија преку Законот за двојазичност, кој што неуставен, но го туркаат. Планираат исто така, зголемување на даноците, носење на мигранти во Македонија и нивно трајно доселување по нашите градови, давање на државјанства. И се разбира, она за што веќе почнаа да подготуваат терен, а тоа е легализација на хомосексуалните бракови и можност истите да посвојуваат деца, нагласи Груевски.

На функционерите на СДСМ им порача дека неколку години од сега ќе се срамат кога ќе треба да се сретнат со граѓаните на Македонија.

-Ќе одите со наведната глава, а вашиот товар и срам нема да може да се заборави. Иако имате богати спонзори, вие ги немате парите со кои можете да го купите достоинството на народот на Македонија. Нема лезет од вас добиен од криминал. Нема аир од функции добиени лажејќи го и притискајќи го народот. Ќе се обратам и до оние кои се уште не се определени, а се загрижени од она што и се случува на нашата држава. Знам дека не ви е сеедно кога гледате што ви се случува и знам дека длабоко во себе ја чувствувате опасноста во која ја втурнуваат овие неспособни луѓе нашата држава. На дел од вас се закануваат, а дел ветуваат се и сешто, а реално нема ништо да остварат, истакна Груевски.

Тој побара од неопределените да се спротивстават на ваквото делување на СДСМ и да го дадат својот глас, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ се секогаш тука, кога на Македонија и на Демир Капија тоа им е потребно.

-Тие што владеат со криминалци и со корупција треба да знаат дека нема хунта која не била победена од народ. Дека нема помрачување кое не било осветлено од народот, порано или подоцна. Лажеа дека се борат против режим, а тие станаа најголем режим. Лажеа дека нема слобода и демократија, прво нешто што направија кога дојдоа на власт – ја укинаа демократијата. И секој ден, чекор по чекор, ја одземаат слободата. Велеа дека нема независност на медиумите, а прво нешто што направија кога дојдоа на власт, ги уценија газдите на медиумите и ја одземаа нивната независност, потенцира Груевски.

Посочи дека СДСМ велеа дека ќе работат, а секој ден граѓаните гледаат како се краде и назадува.

-За ова ли се бореа? Да има техничка влада пред превремени избори? Да има премиер, Министерство за внатрешни, за труд и социјална политика, заменици за администрација, за земјоделие? Оваа држава е на овој народ и нема да му биде одземена. Порачувам дека нема да не скршат, нема да не поколебаат, ниту да не уплашат. Заеднички ќе се спротивставиме сите ние, граѓаните на Македонија. Да не дозволиме апсолутна власт во државата, да не дозволиме да станат монарси и шерифи. Да не дозволиме да ги одземат бастионите на ВМРО-ДПМНЕ. Од нас зависи, порача Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top