| четврток, 6 декември 2018 |

Димитриев: Демир Капија не може да чека некој прво да учи, а после да работи

Денеска на средба со граѓаните во Општина Демир Капија во придружба на кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Трајче Димитриев, беше претседателот на партијата, Никола Груевски. Димитриев кажа дека во овие четири години, граѓаните имале можност да го видат него и неговите соработници на терен како ги решаваат проблемите на граѓаните.
-Кој освен нас има голема желба, силен мотив и доволно храброст да започне вакви големи проекти и да успее успешно да ги заврши. Ќе чекаме ли некој прво да научи да работи, допрва да го учи патот по кој да оди или ќе се одлучите за моето искуство? Не, Демир Капија не може да чека некој прво да учи, а после да работи, на Демир Капија ѝ треба континуитет во реализирање на проектите, Демир Капија мора да оди напред, затоа јас ја барам вашата поддршка, изјави Димитриев.

Тој кажа дека ќе ја направи Демир Капија најубаво гратче во Македонија, атрактивно туристичко место.

-Ја прочитав програмата на мојот противкандидат, наводно да има живот во Демир Капија, се прашувам каква програма ќе напишеше ако претходно не беше поделен мојот отчет. Интересно, но сето она што е таму напишано досега ние веќе го направивме или е во тек на реализација. Сите нивни планирани проекти, се всушност наши, изјави Димитриев.

Тој напомена дека се што се ветува за начинот на работа на општината, како што е заедничко донесување на одлуките на општината и граѓаните заедно, нешто што веќе се работи преку форумите на кои се повикани сите граѓани, за што пофалба добиле и од швајцарската амбасадорка.

-Немаат што друго да понудат, па затоа само критикуваат, ако некој лошо зборува за вас, значи дека нема што да каже за себе. Оваа кампања некој се обидува да ја направи како докажување помеѓу лага и вистината. Ние сме за вистината, таа е околу вас и не може да се скрие, а приказните нека ги кажуваат на други. Јас сум борец, упорен сум, имам визија и храброст да реализирам уште многу други значајни проекти, со нова енергија, за нови проекти, изјави Димитриев.

Тој напомена дека изработена е нова четиригодишна програма за напредок и развој на Општина Демир Капија, за новата ера на Демир Капија. Тој напомена дека во таа програма има многу важни проекти за општината, од кои издвои неколку позначајни.

-На прво место најважно ни е вработувањето, приоритет ќе ми биде зголемување на економската моќ на населението, со создавање услови за уште многу нови вработувања. Ќе продолжиме да создаваме нови работни места преку привлекување на нови домашни и странски инвеститори, со понуда на нови парцели во индустриските зони и урбанизација на нови индустриски зони. Максимално вложив во областа на планирањето и уредувањето на градежното земјиште и создавање на поволни услови за нови инвестиции, изјави Димитриев.

Тој на граѓаните им вети дека за сите граѓани ќе има работни места. Тој напомена дека деновиве неговиот противкандидат, Лазар Петров добива поддршка од луѓе штои не се од Демир Капија, а како што кажа тие не знаат каква е состојбата во општината и единствена цел им е да го искористат за свои лични бизнис интереси.

-Како што гледате во моето обраќање, со ништо не го навредив мојот противкандидат од СДСМ. Но, би сакал само едно да го прашам, дали вие господине Лазар Петров, знаете кои и на каков начин ви ја води вашата кампања? Дали воопшто знаете што му се случува на народот во Демир Капија овие денови? Секојдневно заплашување, уценување со работните места, уценување со казни од полицијата, страв да се излезе од дома. Дали оние што го прават сето ова ве известуваат или пак добиваат директни наредби од вас, изјави Димитриев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top