| четврток, 6 декември 2018 |

Пингвини и слонови ќе пристигнат во скопската ЗОО, се враќа и Коко

Уште пред шест години скопската зоолошка градина почна преговори со Европската асоцијација за зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) за изградба на слонарница. Живеалиштето за слонови во скопската зоолошка градина сега е готово и е подготвено да ги дочека двата слона наредната пролет, иако пристигнување на овие атрактивни животни беше најавено уште за минатата година.

– Пристигнувањето на животните не зависи од нас. Тој процес го координира Европската асоцијација за зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА), која кажува од каде ќе се донесат животните и кога ќе бидат подготвени за транспорт. Слоновите веќе се подготвуваат за нашата зоолошка градина и очекуваме тоа да се случи напролет. Првата информација беше дека двата слона ќе бидат донесени од Леванте, Шпанија, но последната е дека најверојатно едниот ќе пристигне од Франција – вели за Нова Македонија директорот на скопската зоолошка градина, Јорданчо Милошевски.

Овие животни треба да поминат строги контроли, треба да се подготвени за транспорт и за живот во поинаква клима, а за нив треба да бидат исполнети и строги услови за сместување. Инаку, слон нема во градината повеќе од 25 години, кога била атракција слоницата Анка.

Според информации од зоолошката градина, новото живеалиште за слон е проектирано по светски стандарди и се простира на парцела со површина од 3.200 квадратни метри, а во неа е изграден објект со површина од 400 квадратни метри. Се состои од внатрешен и од надворешен дел.

Надворешното живеалиште ќе биде примарно за нивен престој, бидејќи климатските услови им одговараат на овие животни. Особено внимание е посветено на подлогата, а има и делови исполнети со вода, како мали езерца.
Внатрешното живеалиште е составено од повеќе делови, има дел за хранење и спиење, дел за набљудување, дел за посетители и дел за негуватели на слонови. Поради начинот на кој се негува слонот, планирани се специјални прегради меѓу делот за негуватели и делот за разубавување на животните, односно делот каде што ќе му се чистат ушите на слонот и ќе му се одржуваат ноктите.
За надворешната обработка се користени природни нетоксични материјали, дрва и тули. Секундарната ограда е електрична, со низок напон. Бидејќи мажјаците секогаш се одвоени од женките и живеат сами, а женките живеат во групи со повеќе женки и деца, а се спојуваат само во сезоните за парење, ова живеалиште е поделено на два дела. За изградбата на слонарницата, градот Скопје потроши 26 милиони денари.

Исто така, во зоолошката градина при крај е и изградбата на мајмунарницата.
– Чекаме да се донесе и да се постави уште специјалната мрежа од плетена сајла и со тоа завршуваат работите на живеалиштето на шимпанзото. Се надеваме дека конечно напролет и Коко ќе ни се врати. Моментално тој се социјализира во група – информира Милошевски.

Од зоолошката потсетуваат дека омилениот шимпанзо Коко, кому кратко време по раѓањето му почина мајката од туберкулоза, остана сам во скопската градина и падна во депресија. Почна да си ги кубе влакната и да се удира на металните прачки од кафезот. Поради тоа, во април 2009 година, кога имаше 13 години, беше транспортиран во институтот за ресоцијализација на шимпанза „Алмере“ во Амстердам, Холандија.

По повеќегодишен третман, тој е сосема излекуван и е во одлична кондиција, подготвен за враќање во Скопје. Но сега се учи за живот во група, затоа што во Скопје нема да дојде сам, туку најверојатно уште со неколку шимпанза.

Освен слонови, од зоолошката градина во Скопје информираат дека ќе добијат и пингвини, кои ќе бидат донесени од Виена. За нив е во тек изградба на живеалиште, каде што ќе живеат во мали пештери, а прекуден ќе бидат надвор. Живеалиштето за пингвини се наоѓа на ритчето каде што завршуваат живеалиштата на мајмуните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top