| четврток, 6 декември 2018 |

Уапсен скопјанец: Во Маџари чувал арсенал на воено оруже

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за недозволена трговија, до скопското Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против З.Г. (57) од Скопје поради основано сомнение дека сторил две кривични дела „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“, предвидени и казниви по член 396 и член 278-б од Кривичниот Законик на Република Македонија.

Како што соопшти МВР, по преземени оперативно-тактички мерки, Единицата за недозволена трговија дошла до сознание дека З.Г. набавил поголема количина оружје и муниција. Дел од неа носел во мотоциклот кој го управува, а дел се наоѓала во неговиот дом.

– На 19.10.2017 година околу 18.40 часот, полициски службеници го забележале З.Г. со мотоцикл „Априлија“ во близина на пазарот на ул. „Маџари“. Притоа, бил извршен преглед на З.Г. и претрес на мотоциклот и под седиштето биле пронајдени и одземени два сигнални револвера, еден сигнален пиштол и 150 куршуми. З.Г. бил приведен, а по извршените консултации и добиена усна наредба од Јавен обвинител, бил извршен претрес во домот и другите простории на З.Г. на ул. „Маџари“. При претресот биле пронајдени и одземени 54 сигнални пиштоли, два сигнални револвери, осум пневматски пушки, 48 додатоци за цевки за пиштоли, осум спрејови за самозаштита, поголема количина дијаболи, 5850 куршуми калибар 9 мм за сигнален пиштол, две комбинирани батериски ламби со електричен парализатор, еден дел од пиштол – навлака и две празни пластични кутии за пиштол, наведуваат од МВР.

Одземеното оружје било доставено во Министерството за внатрешни работи на вештачење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top