Ликовни дела на Борко Лазески од колекцијата на неговото семејство во вторник ќе бидат изложени во ателјето на уметникот во Скопје. Поводот е сто години од раѓањето на Лазески (Прилеп, 22 октомври 1917), академски сликар, муралист, педагог, продолжувач на традицијата на фрескосликарството и заслужен за процутот на монументалната уметност во Македонија. Организатор е неговата ќерка, Росица Лазеска, која со изложбата-омаж сака навремено и соодветно да го одбележи едновековниот јубилеј затоа што тоа изостанува институционално.
– Сто години од раѓањето на Борко Лазески е во програмата на Националната галерија на Македонија, но таа не стаса тој проект да го оствари, бидејќи за период од три години кустосот еднаш-двапати контактираше со фамилијата. Сметам дека за сто години треба да се направи една убава и пристојна изложба, не провизорно и на трчање да се закачи и да се слика ваму-таму нешто на плотери. А таква изложба не може да се направи со едно доаѓање во ателје и, практично, со ниеден контаккт на кустосот со фамилијата. Затоа одлучив скромно, во куќата, да се одбележи неговиот стоти роденден. Се надевам дека ова ќе ги разбуди институциите и ќе најдат начин за догодина да се направи како што треба. Средства од Министерството за култура се одобрени, Министерството својата работа ја заврши многу фер и сум задоволна од контактот што го имав, но тие средства не можат да се искористат затоа што работата не е сработена, изјави Лазеска за МИА.
Во ателјето во куќата во Дебар Маало, каде што Борко Лазески создавал и живеел до смртта во 1993, посетителите на 24 октомври од 19 часот ќе може да видат мал избор од колекцијата негови дела, пред се од парискиот и од багдадскиот период. Од 1956 до 1958 Лазески како стипендист на француската Влада бил во Париз и како завршен студент ги учел монументалните техники во студиото на Андре Лот. Во Багдад, пак, бил професор на Ликовната академија од 1960 до 1967 година. Од тој период произлегол обемен опус на слики поврзани со животот во Ирак.
Лазески потекнува од семејство кое се занимавало со цртање орнаменти по куќи. Неговиот татко имал работилница во Прилеп, а Борко му помагал во работата.
– Тој отсекогаш бил во допир со ѕидот. Неговиот професор Мило Милуновиќ во Белград гледајќи му ги цртежите – мали, но со јаки и убави потези, во него открил талентиран муралист, раскажува Росица.
Монументалната (225 метри квадратни) „Фреска за НОБ“ во холот на некогашната Скопска железничка станица имала големо влијание врз уметниците од 1950-тите години, но била уништена во земјотресот во 1963, а лоша судбина имаа и пет кубистички фрески со мотиви од Народноослободителната војна на ѕидовите во главната сала на главната Пошта во Скопје кои изгореа во пожар во јануари 2013.
Ѕидно сликарство со потпис на Лазески има во Историскиот музеј во Крушево, во касарната во Велес, во участокот во Прилеп, во Кичево…, а негови витражи може да се видат во Македониумот во Крушево и во Комплексот банки во Скопје.
– Најважно за него беше што во 1991 година, пред крајот на животот и на 74 години возраст, успеа да ја обнови фреската од Железничка уништена во земјотресот. Таа е сега во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во неговиот роден Прилеп и многу малку луѓе знаат дека тој неа ја обнови. Вистина, во малку помали димензии (175 квадрати) затоа што е сега во два дела. Цел живот бараше ѕид да ја обнови таа фреска, вели Лазеска.
Ја обновил и фреската „Илинден 1903“, која (заедно со мозаикот „Стража над татковината“) била во некогашниот Дом на ЈНА во Скопје и се урнала во земјотресот. Сега се наоѓа во хотелот „Монтана“ во Крушево. Му беше многу драго да се обнови, вели Росица, зашто беше негова прва фреска (1950). Додава дека засега нема интерес за обнова на муралот што изгоре во поштата.
– Може да се обнови ако се сака, јас картоните ги имам, но треба да постои интерес. Денес се мисли дека е тоа од НОБ, нешто завршено, меѓутоа тоа е дел од историјата, смета Лазеска.
Нејзиниот татко во животот вкупно изработил околу 800 квадратни метри фрескосликарство и е автор на околу 200 квадрати витраж. Лазески имал ретка можност да биде поканет да направи два мурала во Мексико Сити. Еден од нив („Желба за мир“ во техника акрилик со 3,6 м на 10,5 м) се наоѓа во Технолошкиот музеј во центарот на мексиканскиот главен град.
Најпознатиот македонски муралист е и еден од основачите на Средното уметничко училиште, неговата кариера ја обележува и педагошката работа од која произлегол учебникот „Ликовна култура“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст