| четврток, 6 декември 2018 |

Шпанија ја укинува автономијата на Каталонија, најавени масовни протести

Шпанската Влада постигна договор со опозискиата Социјалистичка работничка партија во јануари 2018 година да се одржат регионални избори во Kаталонија, како дел од пакетот мерки за воспоставување директна контрола над овој регион.

Шпанската Влада соопшти дека ќе го активира Членот 155 од Уставот кој задира во автономијата на Каталонија, со цел да се сузбие инсистирањето на каталонската Влада на независност.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој денеска ќе одржи вонредна средба со своите министри за активирање на овој член, со кој се дозволува централната власт да ја презеде контролата над која било од 17 автономни покраини, доколку некоја од нив не се однесува во согласност со шпанскиот Устав.

Барселона, главниот град на покраината каде годишно се произведуваат 20 отсто од сите стоки и услуги во Шпанија, би можела да потпадне под дирекна управа на Мадрид, првпат во 40 години демократија.

Досега, ниту еден политичар не ја применил оваа мерка, но Рахој вели дека е оправдано бидејќи Каталонија не го признава законот и ја притиска централната власт со намера за отцепување по референдумот организиран на 1 октомври. Судот го забрани Референдумот, а шпанската полиција се обиде да го запре, но избирачите сепак гласаа во корист на воспоставување самостојна република.

Членот 155 не е прецизиран, но во теорија му овозможува на Мадрид преземање на регионалната администрација и поставување нови функционери, преземање на контролата над финансиите и полицијата, како и свикување предвремени избори.

Шпанската Влада соопшти дека нема намера апсолутно да ја укине автономијата на Каталонија, туку да спроведе специфични мерки со цел покраината да го почитува шпанскиот закон.

За Членот 155 да стапи во сила потребни се неколку денови бидејќи ваквите мерки треба да ги поддржи Сенатот, Горен Дом на парламентот задолжен за територијални прашања, каде Народната партија на Рахој го има потребното мнозинство. Потоа, шпанскиот премиер би можел да ги замени каталонските функционери со свои политичари или технократи, па за три месеци да организира парламентарни избори во Каталонија.

Во меѓувреме, каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон се соочува со притисок во сопствената коалиција за веднаш да прогласи независност. Антикапиталистичката партија „Кандидатура на Народно единство“ (ЦУП) има само десет од 135 пратеници во каталонскиот Парламент, но без неа владејачката коалиција го нема потребното мнозинство. Доколку ја загуби поддршката на ЦУП, каталонската влада ќе мора да распише предвремени избори. Средбата меѓу каталонската владеачка коалиција и ЦУП се одржа завчера и траеше со часови.

По полициското насилство над населението на денот на референдумот, Рахој дејствува со внимателност, иако вчера ја доби поддршката од ЕУ,меѓу кои и од лидерите на Германија и Франција.

За денеска, за време на владиниот состанок во Мадрид, најавени се нови масовни протести во Каталонија. Околу 80 организации, за денеска од 17 часот, најавија собири на кои ќе бараат „ослободување на политичките затвореници“. И во досегашните мирни протести, десетици илјади граѓани побараа ослободување од притвор на двајца челници на невладини организации кои заговараат независност. Тие се притворени бидејќи го организирале населението, кои со своите тела ја „спречувале работата на полицијата“ за време на Референдумот, соопшти шпанското Министерство за внатрешни работи.

Експертите истакнуваат дека е можно тензиите да растат со приближувањето на моментот на усвојување на Членот 155, иако до сега, освен одделни инциденти, не ескалираше насилството меѓу жителите. Она што е непознато, е што ќе се случува на терен доколку Мадрид почне со имплементација на Членот, со оглед на тоа дека каталонската полиција веќе откажа послушност на Мадрид. Официјален Мадрид може да смета на Шпанската цивилна гарда и националната полиција, чии припадници од претходно се наоѓаат во Каталонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top