| четврток, 6 декември 2018 |

Алкохолот им помага на луѓето подобро да зборуваат странски јазик

Студија од Универзитетот во Ливерпул и Мастрихт и Кингс колеџот од Лондон тврди дека луѓето кои зборуваат повеќе јазици подобро ќе го зборуваат странскиот јазик ако испијат една или две пијачки.

Во истражувањето учествуале 50 лица на кои германскиот им бил мајчин јазик, а кои студирале во Мастрихт, Холандија и неодамна научиле да пишуваат и да го зборуваат холандскиот јазик. Учесниците добиле алкохолен и безалкохолен пијалок, по што од нив било побарано неколку минути да зборуваат холандски. Количината алкохол зависела од телесната тежина, а била еквивалентна на 460 милилитри пиво за мажи од 70 килограми.

Нивното познавање на холандскиот јазик го оценувале оние на кои холандскиот им е мајчин јазик и кои не знаеле кој од испитаниците конзумирал алкохол. Истражувачите откриле дека оние кои биле под дејаство на алкохол имале подобар изговор од оние кои пиеле безалкохолен пијалок.

„Нашата студија покажува дека акутната конзумација на алкохол може да има благотворно дејство на изговорот на странски јазик кај луѓето кои неодамна го научиле тој јазик“, вели Инге Карсберген од Институтот за психологија, здравје и социјала на Универзитетот во Ливерпул.

Доктор Фриц Ренер истакнува дека е важно да се напомене дека учесниците конзумирале мала доза алкохол и дека можеби голема количина нема да го има истиот учинок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top