| четврток, 6 декември 2018 |

Коневски: Флешерите не сум ги извадил за да ги вратам

Градоначалникот на општина Аеродром во заминување, Ивица Коневски, реагира на веста објавена на некои медиуми дека ја вратил полициската опрема на возилото БМВ. Медиумите се повикуваат на информации од полицијата, која за една недела излезе со соопштенија дека прво направила проверка и утврдила дека Коневски самиот ја извадил опремата, а потоа дека при сообраќајна контрола полицајците на самото место ги извадиле флешерите и Коневски заработил прекршочна пријава бидејќи ја вратил опремата. Коневски потврдува дека заработил прекршочна пријава, но вели дека флешерите никогаш не биле отстранети за повторно да ги врати.

„Веста што денеска беше објавена во медиумите дека повторно сум ги вратил флешерите на општинското БМВ е апсурдна, бидејќи тие никогаш не биле отстранети за да можам повторно да ги вратам. Возилото на Општина Аеродром ѝ го додели Владата на РМ со вградени флешери и оттогаш МВР нема побарано тие да се отстранат“, пишува Коневски.

Тој реагира на односот на полицијата.

„Вчерашното стопирање на возилото и изживување пред моето 7-годишно дете и пишување прекршочна пријава за флешерите на возилото е продолжување на притисоците што почнаа уште во предизборната кампања и очигледен показател какви луѓе се на чело на МВР и на државата, кои се занимаваат со маргинални теми наместо да се фатат со решавање на проблемите на граѓаните, за што земаат плата“, пишува Коневски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top