Конгресменката Кендис Милер (член на републиканската партија од Мичиген) и претседавач на пријателската конгресна група за Македонија и македонските Американци се погрижи за истакнувањето на американското знаме над американскиот конгрес во чест на полошко-кумановскиот митрополит Кирил.
ОМД истакнува дека ова е прв пат американското знаме над конгресот да се вее во чест на Македонец. Ова знаме денес ќе биде предадено на македонската православна црква “Рождество на Пресвета Богородица” во Стерлинг Хајтс во Мичиген од страна на советниците на конгресменката Милер.
Вчера конгресменката Милер внесе текст во конгресните записи во кој му оддаде признание на митрополитот Кирил, а исто така испрати и писмо до македонско-американската заедница во Мичиген.
Во писмото кое го пренесува Македонска Нација конгресменката Милер изјави:
“Јас имав привилегија да се сретнам со владиката Кирил во Вашата црква и бев сведок на неговата јака верба во македонската православна вера и во неговиот неуморен ангажман за подобрување на македонскиот народ. Владиката Кирил беше голем активист за македонската православна црква и за луѓето со македонско потекло ширум светот. Тој одигра клучна улога во основањето и развојот на нашата македонска заедница во јужен Мичиген.” “Со враќањето во Македонија во 1967 година по завршувањето на теолошката акедемија во Москва, владиката Кирил одигра клучна улога во обновувањето на Охридската архипископија на македонската православна црква, двеста години по нејзиното укинување од страна на отоманскиот султан. Владиката Кирил беше единствениот преживеан потписник на афтокефалната декларација и голем активист за основањето на независна Република Македонија.”
Таа го завршува писмото со: “Неговото присуство во македонската православна црква е незаменливо, а неговите многубројни придонеси за македонскиот народ, Македонците во дијаспората, вклучувајќи ги и оние во Стерлинг Хајтс во Мичиген, се камен-темелник на македонската заедница и се од трајна вредност. Засекогаш ќе ја паметам мојата средба со владиката Кирил, и сум благодарна за неговата служба на македонската православна вера и македонскиот народ.”
ОМД длабоко се заблагодарува на конгресмената Милер за укажаната почит кон владиката Кирил на ваков историски начин и за нејзината постојана поддршка за нашата заедница во САД и нашата татковина Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.