| четврток, 6 декември 2018 |

Гадафи се враќа по власта во Либија

Синот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи – Саиф ал Ислам, започна политичка дејност на територијата на својата земја, изјави за телевизијата „Ал Арабија“ адвокатот на семејството Гадафи Халед аз Заид, цитиран од руските медиуми. „Саиф ал Ислам учествува во животот на либиското општество, тој поддржува контакти со јавните дејци и со лидерите на либиските племиња со цел формирање на сеопфатна програма“, истакна правникот.

Според него синот на поранешниот лидер на Либија одржува консултации и средби „за постигнување на согласност и реално политичко решение“ во земјата. „Саиф ал Ислам има исто право како и секој друг граѓанин на Либија, да учествува во политичкиот процес“, додаде Аз Заид.

Адвокатот ги демантираше тврдењата дека синот на Гадафи ја напуштил својата татковина и истакна дека тој нема да го направи тоа, но одби да соопшти каде точно се наоѓа неговиот клиент.

44-годишниот Саиф ал Ислам – најстариот син од вториот брак на убиениот за време на револуцијата од февруари 2011 година Моамер Гадафи, беше сметан за политички наследник на Гадафи.

Тој е архитект и инженер по професија, студираше во Австрија и Велика Британија. Ислам го завршил своето образование во престижната Лондонската школа за економија и политички науки со титула „доктор по филозофија“. Гадафи помладиот го предводеше меѓународниот добротворен фонд, кој го носи името на неговиот татко.

Саиф ал Ислам е уапсен во ноември 2011 година од страна бригада бунтовници од градот Зинтан, кога патуваше кон границата со Нигер. Лежеше во затвор, заштитуван од една од вооружените групи кои го контролираат овој град.

Апелацискиот суд во Триполи на 24 јули 2015 година го осуди во отсуство на смрт под обвинение за „злосторства против либискиот народ“, извршени за време на февруарската револуција.

Меѓутоа, локалните владетели во Зинтан, категорично одбија да го предадат затвореникот на властите во Триполи, кои постојано се скарани по падот на претходниот режим. На почетокот на јуни годинава Саиф Ал Ислам беше ослободен од затворот во Зинтан.

Против него има и обвиненија за злосторства против човештвото од страна на Меѓународниот кривичен суд, кој веќе неколку години сака тој да им биде предаден за да го судат во Хаг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top