| четврток, 6 декември 2018 |

Сезонава во НБА ќе играат повеќе Европејци од Американци

В среда рано наутро по македонско време започнува новата сезона во НБА лига, во која како никогаш досега ќе има голем број на играчи од Европа. Минатите две сезони имаше 73 кошаркари од Европа во НБА, а сезонава таа бројка е за еден повеќе (74) со што ќе биде урнат рекордот. Сезоната старува со мега пресметката меѓу Кливленд и Бостон (два часот по полноќ – среда). Два часа подоцна шампионот Голден стејт ќе го пречека Хјустон.

Сите држави од Екс – Југославија имаат свои претставници во најсилното клупско кошаркарско натпреварување, освен Македонија која судејќи според моменталната ситуација ќе почека уште долго по Перо Антиќ да има свој претставник во НБА.

Од регионот најмногу има Србија (Јокиќ, Марјановиќ, Бјелица, Теодосиќ, Богдановиќ и Загорац). Поголемиот дел од кошаркарите во САД доаѓаат од Франција, Шпанија и Германија.

Тимовите во НБА ги претставија новите состави со кои ќе ја стартуваат сезоната во најквалитетната кошаркарска лига. Имено големо внимание привлекоа неколку трејдови, како и НБА драфтот кој се одржа на 22 јуни.

Трејдот меѓу Кливленд и Бостон за Кари Ирвинг, односно Ајзеа Томас (плус Анте Жижиќ и Џое Краудер) го одбележи летото, иако се случија уште многу размени меѓу клубовите. Исто така Кармело Ентони премина во редовите на Оклахома, додека во спротивен правец заминаа Енес Кантер и Дак Мекдермот. Во Оклахома пристигна и Пол Џорџ кој дојде од Индијана, што значи дека сезонава овој клуб има големи шанси да замеша „прсти“ кога во прашање е титулата, особено ако се знае дека во тимот остана МВП од минатата сезона, Расел Вестбрук. Од подобрите кошаркари кои ги заменија клупските бои се секако и Џими Батлер, кој премина во Минесота за Крис Дан и Зек Лавин, како и Крис Пол во екипата на Хјустон, а во Лос Анџелес Клиперс преминаа дури седум кошаркари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top