| четврток, 6 декември 2018 |

МВР: До 14 часот нема посериозни нарушувања на јавниот ред и мир на изборите

До 14 часот нема регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на изборите, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Оттаму информираат и дека до 14 часот се примени уште 19 пријави по однос на изборни нерегуларности, како поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање на гласачко ливче, како и гласање за друг. Претходно до 11 часот беа поднесени седум пријави во врска со изборни нерегуларности.

Евидентирани се и 10 прекини на гласање на одделни избирачки места каде што после консултации и краток застој од по 15 до 20 минути гласањето е продолжено.

– Исто така од досегашните активности по пријави од граѓани – осум пријави се веќе расчистени – две во радовишко, четири во валандовско и две во струмичко и тие се отфрлени како неосновани. Потоа, во два случаи идентификувани се лицата за кои се однесуваат пријавите и се работи на целосно расчистување на тие пријави. Во еден случај, во Струга, идентификувано е лице по однос на пријава за поткуп на гласачи и се прават консултации со надлежен Јавен обвинител при ОЈО Струга, а во Кавадарци едно лице е лишено од слобода, бидејќи гласал и во име на неговата сопруга. Се работи на расчистување на случајот, се вели во соопштението од МВР.

Расчистен е и случајот со нарушениот јавен ред и мир во близина на ОУ “Петар Здравковски Пенко“, а против лицата Г.Н. (32) и Г.Т. (48) ќе бидат поднесени прекршочни пријави согласно член 11 “тепачка“ и член 6 „нарушен јавен ред и мир со оддавање на пијанство“ од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

Од МВР информираат и дека НККР Кочани поднела кривична пријава против лицето С.А. (36) од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело – „поткуп при избори и гласање“ предвидено по член 162 ст.1 од Кривичниот законик на РМ.

Пријавената вчера околу 13 часот отишла во домот на В.Р. од Кочани и и понудила 1.000 денари за да гласа за одредена политичка партија на локалните избори, ветувајќи и и друга лична корист со образложение дека имала добри врски во Скопје и луѓе на функција, со намера да ја придобие да го изврши избирачкото право во полза на политичка партија.

Евидентирана била и една кражба на избирачко место во Шуто Оризари во ОУ „26 Јули“. Во периодот од 6 до 9:30 часот на избирачко место бр.2957 непознат сторител од чанта на оштетената Ј.И. која била службено присутна на тоа избирачко место одзел паричник во кој имало 1.200 денари и други лични документи и платежни картички на оштетената. Се работи на расчистување на случајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top