| четврток, 6 декември 2018 |

Шести локални избори во Македонија

Во Македонија денеска се одржуваат шестите локални избори по независноста на земјата. Граѓаните избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Се гласа на 3.480 избирачки места, а право на глас имаат 1.814.644 избирачи кои можат да се изјаснат за 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати на 372 листи за членови на совет.

Под реден број еден на избирачкото ливче е биде СДПМ, втора е Коалицијата Алијанса на Албанците и НДП, трета ДУИ, четврта Коалицијата за Битола – ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, петта Коалиција Заедно за Гази Баба предводена од БЕСА, шеста НДМ, седма ВМРО-ДПМНЕ, осма Движење на национално единство на Турците, деветта Алијанса на Албанците, 10-та е ТМРО, 11-та е Демократската партија на Турците, ГРОМ е 12-ти, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е 13-та, БЕСА е 14-та, ДПА е 15, Левица е 16, ПДП е 17, Сојуз на Роми е 18, а СДСМ е 19-та.

Листите на кандидати за членови на совет и листите на кандидати за градоначалник, кои се поднесени од ист подносител, имаат ист реден број во сите општини.

Гласачките места ќе бидат отворени од седум до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Локалните избори, според Државната изборна комисија, ќе ги следат 5011 домашни и 373 странски набљудувачи. Акредитации се издадени и на 294 преведувачи и шест странски новинари.

Вчера, ден пред изборите, гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

ОИК, односно изборната комисија на градот Скопје резултатите од гласањето ги пресметува врз основа на записниците со сумираните резултати од избирачките одбори и целокупниот изборен материјал. ОИК односно, изборната комисија на градот Скопје резултатите ги утврдува според бројот на гласовите што ги добиле листите на кандидати за членови на советот односно за градоначалник, одделно врз основа на сумираните резултати од избирачките одбори.

Државната изборна комисија првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

ОИК првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од седум часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од избирачките одбори и ги истакнува на огласна табла во општината и ги соопштува на јавните гласила.

Изборната комисија на градот Скопје првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од 10 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од ОИК за градот Скопје и ги истакнува на огласна табла во градот Скопје и ги соопштува на јавните гласила.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од денот на завршувањето на првиот круг на гласањето. Втор круг ќе се одржи во општините каде ниту еден кандидат за градоначалник не го добил потребното мнозинство гласови, а се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.

Ова се шести локални избори во Македонија по независноста. Првите се одржаа во 1996, потоа во 2000, во 2005, во 2009 ик последните во 2013 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top