| четврток, 6 декември 2018 |

„Новата ера“ за Скопје ќе донесе нови булевари, многу паркови, велосипедски патеки, забавен парк


Ние сме пред еден голем историски момент.  Има уште неколку часа, нешто повеќе од еден ден, пред 15-ти октомври. На 15-ти октомври ќе ги одбереме оние кои се комплетно способни и мотивирани за да ја креираме иднината на Скопје. Ги знаете многу добро! Го знаете добро Коце! 
Тој напиша историја во Скопје. Создаде толку многу нови и големи работи и тој знае најдобро што значи локалната самоуправа – вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски вечерва ги поздрави присутните на завршниот митинг во Скопје, на само два дена пред одржувањето на локалните избори.

Тој додаде:

-Гледам голема енергија меѓу сите вас вечерва тука во Скопје, и заедно со сите овие луѓе со огромен ентузијазам ќе ви понудиме подобри услуги на сите. Нашите кандидати ќе продолжат да работат непрекинато и неуморно за своите општини и региони.

Понатаму Груевски додаде дека „новата ера“ за Скопје ќе донесе нови булевари: Почеток на изградба на Јужен булевар,  продолжение на булеварот АСНОМ, комплетно ново сообраќајно решение  и турбо кружен тек кај Хубо Маркет, проширување на булеварот „Борис Трајковски“од Пинтија до пред влезот на Драчево, нова траса на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“…изградба на нови водоводи во Ченто, Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Хиподром…

-Ќе изградиме и реконструираме зелени површини на површина од 500 илјади метри квадратни. Парк во општина Аеродром со површина од над 100 илјади метри квадратни, парк во општина Карпош по должината на реката Вардар, зеленило покрај новите булевари и на многу други места. Градба на нова велосипедска инфраструктура, каде предвидуваме изградба на 20 километри велосипедски патеки. Нов забавен парк на местото на постојниот Луна-парк. Ќе го модернизираме јавниот градски превоз: преку набавка на нови најмалку 20 електрични двојни автобуси. Модернизацијата на приватните превозници на автобуси во јавниот превоз, преку субвенции до 10 илјади евра од автобус од ЕУРО 5 или ЕУРО 6 стандард или поставување на уреди на гас. Субвенции за такси превозниците во Скопје за набавка на електрични возила, каде би се субвенционирале до 3000 евра од набавено возило. И многу други нови капитални проекти и инвестиции – рече Груевски.

Тој на крај искажа верба дека ветеното ќе стане реалност:

-Верувам дека кога сите наши планови за овој град ќе станат реалност, луѓето од другите земји ќе започнуваат да прашуваат „како го направивте ова, како успеавте во сето ова“. Тогаш ќе им го кажеме следното: Ова го постигнавме со нашата љубов за Скопје, со нашата љубов за Македонија. Ова го постигнавме заедно!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top