| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО направи револуција во оваа земја

Денес сме горди на тоа што си стоиме на зборот. Затоа што ВМРО направи револуција во оваа земја. Но, не беше тоа револуција на демолирање и палење, деструкција и уништување. Направивме револуција со градење на нови патишта и на нови автопати. Направивме револуција со реализацијата на неброено многуте проекти кои го подобрија животот на луѓето. Направивме револуција со отворањето нови болници, училишта, фабрики, со борбата за нови инвестиции во Македонија и со новите работни места за сите граѓани на Македонија. Направивме револуција со создавањето нови 173 илјади работни места во Македонија. Тоа е револуцијата на ВМРО и на Коалицијата. Направивме револуција со борбата за правда и еднакви услуги за секој еден човек. Направивме револуција со штитењето на човековите права и заштитата на законите – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на завршниот митинг во Скопје, на само два дена пред гласањето за идни градоначалници во општините низ републиката.

Тој вели дека не се тие единствените кои тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ направиле револуција во земјава:

-Секој, дури и странците кои доаѓаат во нашата земја, ја препознаваат оваа реалност и отворено искажуваат задоволство од промените кои ние ги внесовме во Македонија. На оние кои имаат очи, но одбиваат да ги видат овие револуционерни промени, кои имаат уши, но одбиваа да го слушнат гласот на народот, немаме што многу да им кажеме. Ако сакаат да го игнорираат ова, нека ги. Нека ги прекриваат очите, слободно нека се однесуваат на тој начн.
Она што е важно е дека граѓаните на Република Македонија ја гледаат реалноста и видливиот и сериозен наредок на секое поле. И нам тоа ни е единствено важно. За нас е најважен гласот на народот, гласот на народот на оваа држва, гласот на Македонија. Најголемо значење има мислењето на нашите граѓани.

Понатаму Груевски пред насобраната толпа додаде:
-Не го наведувам сето ова за да се пофалиме самите себеси. Токму спротивно, мислам дека нашите граѓани секогаш заслужуваат подобро. И ние сме тука за да ви кажеме дека заслужувате подобро и дека сме тука да ви служиме уште подобро. Стоиме денеска тука пред вас за да понудиме уште подобра работа во ваш интерес. За да ги направиме нашите градови уште помодерни места за живеење, да го подигнеме квалитетот на работа на нашите институции, да обезбедиме подобар животен стандард за сите граѓани и да понудиме подобра иднина за сите вас. Затоа сме тука, пред вас, денеска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top