Балканот е многу поинтересен од другите делови на Европа, само што ние никогаш не сме знаеле таа специфичност на Балканот да ја пласираме на вистински начин, да биде интересен, смета српскиот актери Драган Бјелогрлиќ, кој е актер, сценарист и режисер на серијата „Сенки над Балканот“ која ќе почне да се емитува на 22 октоврми на Македонската радио телевизија, а истовремено и на јавните сервиси во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија.
Ова е првпат по распадот на Југославија во 90-тите години една серија во исто време ќе се прикажува во овие држави освен во Хрватска. „Сенки над Балканот“ е приказна која е типична за овој дел од Европа.
Серијата е историски трилер за настани од почетокот на 20 век, главно во Белград, и опфаќа дел од историско-политичките случувања од тој период во Македонија. Режисер на осмата епизода, што се снимаше претежно во Битола и околината, е Игор Иванов.
Пилот-филмот од ТВ-серијата „Сенки над Балканот“ кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, синоќа имаше и скопска премиера во кино „Синеплекс“, на затворањето на второто издание од фестивалот „Киненова“.
– Балканот е многу поинтересен од другите делови на Европа, само што ние никогаш не сме знаеле таа специфичност на Балканот да ја пласираме на вистински начин, да биде интересен. Главно снимавме мрачни социјални теми кои никој не сакаше да ги гледа. Балканот има своја друга страна. Тој е Јужна Америка на Европа. Многу е интензивен, контроверзен и треба да се набљудува од тој аспект. Тој може да биде интересен не само на Балканците, туку и на светот – вели Бјелогрлиќ.
Според него, трилерот како жанр, е малку застапен во кинематографијата на Балканот.
– Ние живееме трилер, а трилерот е жанр кој е најмалку присутен во нашата кинематографија. Првата асоцијација на Балканот е мафија. А ние немаме ниту еден филм или серија за мафијата. Бугарите нешто почнуваат да работата на таа тема, Романците исто работеа некоја серија. Нашата предност, на народите кои живееле во поранешна Југославија е во тоа што ние имаме неколку различни култури кои живееле заедно во една заедница и говорат на ист јазик, односно на јазик на кој се разбираат. Тоа би било вистинска штета тоа да не го искористиме. Целиот 20. век е многу интересен, посебно на овие простори, полн е со трагични, ни и со интереснни и контроверзни настани. Тоа не се теми кои само нам ни се интересни, туку можат да им бидат интересни и на целиот свет – додава Бјелогрлиќ.
„Сенки над Балканот“ е крими драма за двајца полициски инспектори на белградската полиција кои се соочуваат со низа обредни убиства. Тие се вовлечени во чудни настани во кои се замешани високата политика, криминалот, тероризмот и странските разузнавачки служби. Дејствието е сместено во 1928 година, помеѓу убиствата во народното собрание и шестојануарската диктатура. Настаните се случуваат во Белград, но и во Виена, Зареб, Блед, Дубровник, Санкт Петерсбург и Македонија.
Во серијата има вистински историски личности, има ликови кои се напишани според некои историски односно реални личности, но и целосно измислени ликови, какви што се женските ликови.
Во првата сезона ќе бидат емитувани 11 епизоди. Се размислува и за втора, но и евентуално трета сезона, а сценаристите најавуваат дека во една од епизодите би можел да се појави и нобеловецот Иво Андриќ. Според нив, ни 100 епизоди не се доволни да се раскаже целата историја на 20. век. Ако би се снимала втора сезона, настаните во неа би се одвивале во 1934 година, а во третата сезона ликовите би биле сместени во крајот на триесетите години на минатиот век и почетокот на Втората светска војна.
– Ние создадовме фиктивен свет, но во сценарието се придржувавме на разни историски настани. Кога почнавме да работиме, имаше идека приказната да се раскаже во три серијали. Кога ја правевме првата сезона, имавме предвид дека во следната сезона настаните ќе се случуваат во 1934 година и ќе заврши со убиството на кралот Александар. Уште сега имаме неколку понуди за продолжение, моментно преговорите се во тек. Може уште во крајот на овој месец ќе биде направен договор и ќе почнат подготовките за продолжување снимањето. Би се снимало евентуално следното лето, а серијата би се прикажувала идната година ова време, можеби малку подоцна, крајот а 2018 година. Ако дојде до третата сезона, таа ќе се занимава до крајот на 30-те години и почетокот на Втората светска војна. Целата приказна е смислена така што се она што е почнато во првата сезона, да продолжи во другите серијали. Во првата сезона воведовме и нацисти, Совети, комунисти, ВМРО, српската династијата и секако, овие таканаречени ’мали луѓе’ кои се најважни и кои се обидуваат да преживеат во тие околности – објаснува Бјелогрлиќ.
За соработката со македонските копродуценти на серијата, продукцијата „Скопје филм студио“ и Македонската радио и телевизија, Бјелогрлиќ истакна дека „приказната во која е позиционирана Македонија била и претходно напишана, и пред да се договорат со македонските копродуценти“.
– Ние секако ќе продолжиме да се занимававме со македонската линија во приказната, бидејќи ВМРО го уби кралот Караѓорѓевиќ, но во кој процент ќе се занимаваме, дали тоа ќе биде 10 или 40 отсто ќе зависи заинтересираноста на македонските копродуценти – вели српскиот актер и режисер.
„Сенки над Балканот“ е меѓународна копродукција меѓу „Кобра филм“ од Србија, „Скопје филм студио“ од Македонија и „Искра“ од Русија. Како копродуценти на серијалот учествуваа и Радиотелевизија Србија, Радиотелевизија Република Српска и Македонската радиотелевизија, а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Во актерската екипа се и Андрија Кузмановиќ, Марија Бергам, Горан Борган, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ, Алексеј Солончев, Жарко Лаушевиќ, а од Македонија играат: Петар Арсовски, Тони Михајловски, Јана Стојановска, Аксел Мехмет, Никола Ристановски, Петар Мирчевски и Дениз Абдула.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Синот на Драган Бјелогрлиќ наполни 18 години, кои фаци му дојдоа на забавата?
-
Еве што мисли Дачиќ за секс сцената на Јана во „Сенките над Балканот“: Јас би… (видео)
-
Секс, па брутално убиство: Македонската актерка во сцени кои го привлекоа вниманието на јавноста (фото)
-
Минути го делеа момчето од смрт: Стакло му ја пресече артеријата на 11-годишно момче, Бјелогрлиќ го пикна во автомобил и го однесе во болница!