Наспроти предизборните популистички ветувања дека работниците ќе добијат зголемена септемвриска минимална плата, фактичката состојба покажува дека Владата предводена од Зоран Заев, односно Министерството за финансии нема пари за исплата на минималната плата, ветување кое пред локалните избори како мерка беше донесена од страна на новата влада.
Според дописот до кој дојде редакцијата на порталот Курир, односно известувањето од министерството за финансии до другите министерства и институции, кои потоа ги известиле своите финансови служби, од нив се бара септемвриската минимална плата да биде подготвена без примена на Законот за изменување и дополнување на законот за минимална плата, односно без зголемување на минималната плата која во бруто износ требаше да изнесува 17.130 денари.
-Почитувани, Ве известуваме дека платата за месец 9/2017 треба да ја подготвите без примена на Законот за изменување и дополнување на законот за минимална плата во Република Македонија (Службен весник на РМ бр.132/2017 година) , односно без зголемување на минималната плата која во бруто износ требаше да изнесува 17.130 денари.Насоките се добиени од Министерство за финансии во текот на вчерашниот ден (9.10.2017 година). Значи, треба да доставите нова декларација и пресметка на плата без зголемување на минималната плата, се вели во дописот.
Ова значи дека септемвриската исплата на минималната плата, која работниците требаше да ја добијат зголемена, е само предизборен трик на новата власт предводена од Зоран Заев. Со насоките добиени од Министерството за финансии, декларацијата и пресметката за ветената зголемена плата за септември, финансовите служби треба да ги направат без зголемување на минималната плата.
– Во Законот за минимална плата во РМ е предвидено исплатата на минималната плата да се врши со септемвриската плата, изјавија вчера од Министерството за труд и социјална политика.
Ова практично значи дека Министерството за финансии признава дека пари за исплата на минимална плата нема, а граѓаните и работниците се само жртви на уште една предизборна измама на новата влада. Зголемувањето на минималната плата требаше да се однесува на сите работници, односно таа требаше да биде исплатена и за вработените во кожарската, текстилната и индустријата за обувки. За таа цел, месечно ќе се одвојуваат 1,5 милиони евра буџетски средства со кои ќе се поддржуваат компаниите да го исплаќаат овој износ на минимална плата.
При носењето на овој закон, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предупредуваа дека со Законот се дерогира Изборниот законик и се носи популистичко решение кое нема да има никакви ефекти на среден и на долг рок. Овој закон, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, е наменет за предизборни цели и се очекува дека со неговото донесување работниците кои ќе добијат покачување на минималната плата ќе гласаат за СДСМ на претстојните избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.