| четврток, 6 декември 2018 |

Објавена книга за деца „Било и се скрило“ од Киро Донев

Друштвото за издавачка куќа „Македоника литера“ од Скопје деновиве ја објави книгата со поезија за деца „Било и се скрило“ на македонскиот писател Киро Донев.

Оваа е осма книга од овој автор објавена од „Македоника литера“. Најновата книга на Киро Донев, „Било и се скрило“, содржи повеќе од 80 песни поделени во пет тематски циклуси. Таа е вистински поетски бисер наменет за најмладите читатели кај кои Донев е најпопуларниот и најчитан македонски писател.

Во неа доминираат хумористично-сатиричните песни, а Киро Донев е познат и толку прифатлив од читателите токму по инвентивниот хумор и ведрина во своето творештво. Иако се наменети за помлада целна група читатели, неговиот препознатлив хумор ја брише границата меѓу хуморот наменет за најмладите и за возрасните читатели. Во книгата се објавени и песни за природата, односно на човековата средина, со еколошка, како и прашалници со гатанки со теми од најблиската животна средина на децата. Јунаци во тие песни се сите нешта во светот и секојдневјето на децата. Тоа е светот на животните, птиците, инсектите и предметите.

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца: романи, раскази, гатанки, повести, пиески, стихозбирки и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитани македонски автори не само кај писателите за деца туку воопшто во македонската литература. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top