| четврток, 6 декември 2018 |

Петтата самостојна изложба на Стефан Димовски во галеријата „КО-РА“

Петтата самостојна изложба на Стефан Димовски, на која авторот ќе се претстави со околу 40 дела во комбинирана техника, ќе биде отворена утре во галеријата „КО-РА“.

Изложбата претставува експериментален приказ на можностите на акварелот како техника да се комбинира со други медиуми како акрилик, колаж, пастел, сепија, пигменти и останати медиуми. Примарниот акцент е даден на акварелот, но во одредени сегменти и кај одредени дела доминира колажот, или пак само суптилно се надоврзува акриликот, во зависност од моменталниот набој и експлозијата на енергија која се создава при цртањето. Повеќето од делата се работени во 2017 година, но на исложбата ќе бидат прикажани и дела од последните неколку години кои го прикажуваат континуитетот, а воедно и укажуваат на еволуцијата во творештвото.

Стефан Димовски е роден 1983 во Скопје, во уметничко семејство. Сериозно започнува да се занимава со акварел во 1995. Долгогодишниот престој во Франција му увозможува да воспостави контакти со познати акварелисти, и да ја усоврши акварелната техника до перфекција. Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција. Во 2010/2011 година дел од неговите акварели се селектирани во 11-тото издание на Интернационалниот каталог за модерна уметност (Италија, Рим) – MDS CATALOGO INTRNAZIONALE D`ARTE MODERNA no.11 (EDITRICE D`ARTE CIDA ROMA 2010/2011). Во 2011 добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12 саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција. (FOIRES AUX CRОUTES DES PEINTRES ET DES AQUARELLISTES – Saint Raphael, France 2011).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top