| четврток, 6 декември 2018 |

Mешање на партија и држава: Темелковски се пофали дека на партискиот собир бил министерот за внатрешни Спасовски

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Кисела Вода, Филип Темелковски соочен со тежок изборен пораз поради слабиот рејтинг кај граѓаните, во очај се фали дека на партискиот собир на СДСМ во оваа скопска општина присуствувал и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Дополнително, ова е еклатантен пример за мешање на партија и држава, она за кое што СДСМ со години обвинуваше, а сега кога е на власт го практикува повеќе од кого и да е.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски партиски агитира од врата на врата со кандидатот за градоначалник на СДСМ за Кисела Вода, Филип Темелковски. И како ова само по себе да не е скандал, Темелковски на социјалните мрежи дури и се фали за поддршката која ја добивал од Спасовски. Ова е грубо мешање на партијата и државата, пример каков што немало никогаш досега.

Темелковски очигледно мисли дека ако пред врата на граѓаните се појави со министерот за внатрешни работи Спасовски, тоа ќе му помогне да добие некој глас повеќе на изборите закажани за 7 дена. Дополнително, појавувањето на Спасовски освен што е крајно скандалозно, исто така претставува и притисок кон граѓаните во нивниот избор за кој кандидат да го дадат гласот.

Дека ова е планирано сценарио преку кое СДСМ со притисоци сака да влијае на гласачите покажува и неодамнешната swot анализа на таблата токму во штабот на СДСМ во Кисела Вода, каде можеше да се забележи дека Темелковски смета на поддршката од МВР и Спасовски за изборите. Таквиот план сега се реалзиира директно на терен, каде Спасовски се појавува во функција на министер и агитира отворено за Темелковски, што претставува невиден скандал кој треба да биде нотиран и во извештаите на меѓународните организации.

СДСМ беа оние кои што најгласно зборуваа за мешањето на државата и партија, нешто што сега самите го прават и тоа го прават во најголемиот дел од времето. Министерот Спасовски не е единствен кој што ја меша државата и партијата.

Истото го прават и Драган Тевдовски и Јани Макрадули, а за тоа и се фалат на Фејсбук. Главната реторика на СДСМ овие локални избори е чист воздух, кој ветуваат дека ќе го донесат, но без никакви проекти и мерки како до тоа би дошло. Министерството за екологија, каде што заменик министер е токму Јани Макрадули, кое што треба да најде мерки токму за овој проблем, во овие четири месеци откако е на власт СДСМ, немаат донесено ниту една мерка за било кој дел од неговата работа.

Јани Макрадули за своите партиски активности се пофали и на својот Фејсбук профил.

Со ова сериозно се доведува во прашање реализацијата на фер и демократски избори, министрите и функционерите од СДСМ се целосно вклучени во кампањата на својата партија, додека државата во секој параметар оди надоле во последните четири месеци.

-Во пресрет на изборите, Владата донесе Декларација за слободни и фер избори. Усвоивме и дистрибуиравме прецизни упатства за начинот на постапувањето на премиерот, министрите во Владата и на сите останати државни функционери за забраната за користење на државните ресурси како возила, опрема и останато за време на изборната кампања, рече Поповски.

Министерот без ресор Робер Поповски кажа дека никој од кандидатите нема да користи државни ресурси за партиски потреби, а како човеков ресурс можеме да кажеме дека се и министрите, кои треба да си ја работат својата работа, наместо да тераат кампања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top