Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Крушево, Ѓорги Дамчески, им порача вечерва на своите сограѓани, кои дојдоа во голем број да го поддржат на митингот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра македонија дека и во наредните 4 години, градската администрација и крушевчани ќе продолжат неуморно да работат за просперитетно Крушево и дека цврсто ќе стојат и никогаш нема да отстапат од бедемот за одбрана на татковината.
Дамчески вети дека посветено и одговорно ќе ја извршува функцијата како и во претходниот мандат. Во минатиот мандат реализираше низа проекти кои Крушево го направија подобар град за живеење и поатрактивен за посетување.
–Во изминативе 4 години со работа реализиравме повеќе од 130 проекти за Крушево. Во патната инфраструктура се вложени повеќе од 1.000.000 евра. Извршивме реконструкција на 27 километри регионален пат од Стопанство – Крушево – Демир Хисар и поставивме хоризонтална и вертикална сигнализација. Извршивме темелна реконструкција на патниот правец Свето Митрани-Бучин во должина од 7 километри. Асфалтиравме улици во с.Бучин и с.Врбоец во должина од 2 км. Го уредивме, проширивме, осветливме влезот на градот, ја асфалтиравме главната сообраќајница и три споредни улици во градот во должина од 2,6 километри. Реконструиравме и поплочивме со бекатон плочки повеќе од 10.000 м2. улици во Крушево и помалите населени места. Со посветено, одговорно и домаќинско работење пристапивме кон решавање на со децении одлаганите комунални проблеми на жителите на општина Крушево. Пред се решавање на водоснабдувањето. Обезбедивме по природен пат доток на нови 5 литри во секунда од падините на Бушова Планина. Изградивме цевковод во должина од 9 километри од Регионалниот водовод Студенчица до с.Свето Митрани. Поставивме водомери на јавна површина во 4 рурални населени места, реконструиравме 1.100 метри секундарна водоводна мрежа во градот, истакна тој пред сограѓаните.
Дамчески вели дека младите и спортот од секогаш биле во фокусот на неговото внимание.
–Изградивме повеќенаменско спортско игралиште, изградивме двоен терен за тенис, изградивме фитнес зона на отворено, изградивме фудбалски терен и повторно го активиравме Фудбалскиот Клуб “Питу Гули”. Го реалзиравме проектот Крушевско Спортско лето со турнир во мал фудбал. Со реализација на сите овие проекти се заокружи формирањето на спортско рекреативниот центар Гумења, место за рекреативен спорт, припрема на спортски екипи и развивање на спортски туризам. Изградивме нова спортска сала во Бучин, изградивме нови спортски терени во Пресил и Норово. Под мотото “Иднината останува на младите” реализиравме бројни проекти во сферата на образованието. Изградено е монтажно училиште во Свето Митрани. Реконструирани се и обновени СОУ “Наум Наумовски-Борче” и двете основни училишта “Никола Карев” во Крушево и “Св.Кирил и Методиј” во Бучин. Прогласуваме и наградуваме првенци на генерација од 4 до 9 одделение. Доделивме стипендии за студенти од ранливите категории на граѓани. Општина Крушево со многубројните традиционални и нови манифестации прераснува во позната културна дестинација, место во кое може да се види, да се доживее духот на вековното културно – историско минато и традиција, истакна тој.
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Крушево потенцира дека градот беше град на културата за 2014 година и дека одржани беа повеќе од 100 културно уметнички збиднувања, настани за сечиј вкус и секоја возраст.
Покрај веќе традиционалните “Десет дена Крушевска Република”, “Крушево Етно-град”, “Етно саем”, Топол културен бран, започна одржување и на нови манифестации: Дискавер Крушево, Крушево Будно, Крушевска Бела Ноќ, Денови на влашка култура и ред други кои сите заедно придонесуваат за промовирање на Крушево како посакувана туристичка дестинација.
–Спомен-куќата на Тодор Проески доби нови димензии, стана расадник на нови музички таленти. Се одржуваат музички работилници за хармоника од познати музички виртуози како и меѓународен фестивал за деца и младинци “Еден идол” и ред други настани посветени на ликот и делото на нашиот Тоше. Развојот на туризмот ја бележи посакуваната нагорна линија. Крушево се вброи во првите 10 топ светски дестинации за развој на активниот авантуристички туризам. Параглајдерството стана зашититен бренд на Крушево. Крушево стана место каде се одржува Светски куп во параглајдерство, Европско првенство во змајарство и Светско првенство во змајарство. Во изминатите години одржани се бројни натпревари од национален, европски и светски ранг. Крушево стана место каде се оджуваа фестивалите на отворено “Крушево низ корија” и “Веин ин Крушево”, меѓународен натпревар во ролер ски во Македонија, Државно ридско првенство во велосипедеизам и ред други настани. Реконструиравме фасади на староградски крушевски куќи, извршивме заштита и конзервација на Иконостасот на Црквата Св.Јован, обновена е надворешноста и внатрешноста на Галеријата Никола Мартиноски, ограден е споменичниот комплекс Илинден, целосно е реновиран И саниран Музејот на Илинденското востание и реновирани се и други културно историски споменици, истакна тој.
Дамчески вели дека развојот на економијата беше и останува негов најзначаен приоритет.
–Главниот импут за економски раст на општината мора да произлезе од приватниот сектор затоа што само тој може да создаде економска благосостојба и нови работни места на долг рок. Тргнавме со девизата Крушево да го направиме град за туристи, а не град од туристи, пред се град со отворени нови реални работни места. Вложивме максимални напори за зажививање на економијата и создавање на услови за отварање на нови стопански капацитети. И успеавме во тоа. Формиравме индистриска зона. Се јавија првите инвеститори. За само 4 години се отворени три стопански капацитети: ФАЛКО, СЕКЕ, 5 ЛЕТЕРС, а две нови веќе се на повидок. На сета таа работа, на целиот тој труд некои од страна гледаа сеир, игнорираа, се потсмеваа, негираа, за да на крај, ни срам ни перде, истите тие застанаа да се сликаат со новите инвеститори и да прават списоци за партиски вработувања. Ама ако, нека се сликаат, нека се китат со туѓи перја, но барем ќе видат пример како треба да се работи во интерес на сите. Ние по тоа се разликуваме од нив. Ние работиме и отвораме работни места за сите без разлика на партиската и националната припадност, истакна тој.
Граѓаните на 15-ти октомври, рече Дамчески, сепак ќе се сетат и ќе знаат да го ценат тоа кој ги постави темелите и кој овозможи отворање на тие стопански капацитети, а тоа е Владата на ВМРО-ДПМНЕ и оваа локална самоуправа.
–Гледам нашите политички противници се радуваат и силата ја гледаа во отворање нови партиски штабови. Ние се радуваме и силата ја гледаме во отворањето на нови работни места. Тука е нашата сила. Нашата радост и нашата сила е во 260-те домови на луѓето кои работеа и ќе работат во СЕКЕ, нашата радост и сила е во домовите на 70 вработени во Фалко, нашата радост и сила ќе биде во домовите на идните вработени во 5 Летерс. Ние работевме и ќе работиме. Бевме, сме и ќе бидеме во постојана комуникација со граѓаните со цел од прва рака да ги дознаеме нивните потреби и да ги планираме нашите идни активности. Ние имаме визија и имаме подготвен план кој ќе донесе просперитет на нашата општина. Продолжуваме понатаму, порача тој.
Дамчески најави крупни проекти од неговата нова програма.
–Ќе извршиме реконструкција на патниот правец Кривогаштани – Крушево. Ќе извршиме асфалтирање на патниот правец Стопанство-Алданци-Норово, ќе го изградиме локалниот пат Борино-Житоше. Ќе продолжиме со асфалтирање на преостанатиот дел на главната улица во Крушево како и асфалтирање на дел од улица “Киро Фетак” до Сувенирка. Ќе ја реконструираме пристапната патека до Леарницата, како и пристапната патека до Црквата Св.Богородица. Ќе изградиме пристапна улица до спортските терени и Крушевското Езеро. Ќе го асфалтираме просторот пред спомен куќата “Тодор Проески” до Гимназијата. Ќе ја поплочиме дел од улицата “Питу Гули”, дел од ул.”8-ми Септември”, кај огледалото, како и други споредни улички во градот. Ќе ги уредиме тротоарите по Крушевските скали. Ќе продолжиме да работиме на подобрување на водоснабдувањето. Ќе го реализираме проектот за зафаќање дополнителни 5 литри вода во секунда чиста планинска вода од Бушова Планина. Продолжуваме со реконструкција на секундарната водоводна мрежа во Крушево-крак од резервар до хотел “Монтана” и крак кон ул.”Никола Карев” и “Киро Фетак”. Ќе изградиме цевковод према с.Саждево, како и резервари за вода во с.Борино и с.Белушино. За подобрување на комуналната инфраструктура ќе изградиме канализациони мрежи во с.Бучин, Свето Митрани и Норово. Ќе асфалтираме улици по еден километар во с.Алданци и Саждево. Ќе ја реконструираме училишната зграда во с.Саждево како и спортски терени во с.Саждево и с.Свето Митрани, рече Дамчески.
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Крушево порача дека коалицијата „За подобра Македонија“, под знамето на Крушевската Република, подава рака на секого, вкрстува раце со сите оние кои го сакаат доброто на Крушево, доброто на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст