| четврток, 6 декември 2018 |

Иницијатива за зголемување на бројот на жени градоначалнички

Клубот на пратенички во Собранието на Република Македонија во соработка со собраниската Комисија за еднакви можности на жените, по локалните избори ќе покренат иницијатива за зголемување на бројот на жени градоначалнички.

На денешната промоција на кандидатките за градоначалнички, Ѓулумсер Касапи, координаторка на Клубот на пратенички, рече дека и покрај добрите резултати што значи околу 34 проценти жени во актуелниот пратенички состав во Собранието на РМ и 30 проценти во локалните совети кои се постигнати благодарение на изборната регулатива со родови квоти за жени досегашната застапеност на бројот на жени градоначалнички и кандидатки за градоначалнички апсолутно не задоволува.

– Клубот на пратенички на Собранието во соработка со собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите ќе започнат иницијатива за измени и дополнувања на Изборниот законик со што иако се подразбира позитивна дискриминација, сепак, ќе успееме во иднина да го зголемиме бројот на кандидатки за градоначалнички од кои би се зголемил и бројот на избрани градоначалнички, рече Касапи.

Според Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при македонското Собрание, ако на претходните локални избори имаше 26 кандидатки за градоначалнички денес вели, има само 15. Таа оцени дека лицемерно би било со толку малку кандидатки за градоначалнички да потпишуваат некаква декларација за изборите, затоа ќе ја покренат иницијативата за законски измени по изборите.

Крис Хеншо, директор на Националниот демократски институт во Македонија, посочи дека од независноста до денес само 22 жени биле министри во сите досегашни влади во Македонија, во минатиот владин состав имало четири министерки, а во актуелниот се три. Тој ја искоментира и ниската процентуална застапеност на жените на кандидатските листи на партиите за градоначачлници, каде, според него, нема подобрувања.

– Анкетите што ги спроведовме покажуваат дека населението е многу понапредно од тоа што се партиите. Педесет и девет проценти од населението воопшто не води сметка за родовата застапеност, 23 проценти изјавиле дека преферираат жени, а 16 проценти мажи за градоначалници… Време е за промени во Македонија. Време е Македонија да ја достигне Европа…Жените не се веќе задоволни да бидат носители на позициите туку сакаат да бидат дел на поголемата слика. Тоа го имаат сфатено малите партии, време е сега и поголемите партиите да го сфатат истото, рече Хеншо.

На промоцијата беа промовирани и кандидатките за градоначалници, носителките на советнички листи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top