Јапонскиот адвертајзинг гигант Дентсу е казнет со 500.000 јени (44.000 долари) откако суд во Токио донесе решение дека вработените во таа компанија работат премногу над легалните лимити, јавуваат токиски медиуми.
Работењето во Дентсу беше под надзор откако млада вработена изврши самоубиство во 2015 година. Таа работела 105 часа прекувремено во октомври таа година и подоцна паднала во депресија.
Јапонското Министерство за труд соопшти дека нејзината смрт е „кароши“ (karoshi) – што во превод означува „смрт поради прекувремена работа“.
Случајот од висок профил, доведе до обновување на повиците за промени во долготрајното работно време на земјата и нелегално неплатено прекувремено работење.
Повиците за промена на работното време се засилија и по денеска објавената вест дека новинарката Мива Садо, вработена за јапонската националната телевизија НХК (со седиште во Токио), починала од прекувремена работа.
Во официјалниот извештај на истражителите се наведува дека новинарката, месецот пред смртта имала само два слободни дена и дури 159 прекувремени часа. Немилиот настан се случил во јули 2013 година, кога и откажало срцето, но нејзините надредени досега го криеле тој случај, наводно поради почитувањето спрема нејзиното семејство.
Официјалните податоци на Владата на Јапонија покажуваат дека од март 2014. до март 2015 година повеќе од 2.000 луѓе извршиле самоубиство поради стрес на работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.