| четврток, 6 декември 2018 |

На саемот во Франкфурт: Македонија ќе претстави 400 наслови од над 250 македонски автори

Македонскиот промотивен штанд ќе биде сместен во петтата хала за меѓународни учесници, каде што, под мотото „Магијата на македонската литература“, на посетителите во Франкфурт ќе им бидат претставени 400 наслови од над 250 македонски автори, наградувани и преведувани, а меѓу изложените книги ќе бидат и 70 наслови од македонски автори преведени на европски јазици, како резултат на поддршката на Министерството за култура на РМ преку фондот за преводи

Македонија и оваа година ќе учестува на најзначајниот светски настан во областа на издаваштвото и литературата – Саемот на книга во Франкфурт што ќе се одржи од 11 до 15 октомври. Претставувањето на Македонија на Саемот во Франкфурт годинава е во организација на Македонската асоцијација на издавачи, а е финансиски поддржано од Министерството за култура на РМ.

Македонскиот промотивен штанд ќе биде сместен во петтата хала за меѓународни учесници, каде што, под мотото „Магијата на македонската литература“, на посетителите во Франкфурт ќе им бидат претставени 400 наслови од над 250 македонски автори, наградувани и преведувани, а меѓу изложените книги ќе бидат и 70 наслови од македонски автори преведени на европски јазици, како резултат на поддршката на Министерството за култура на РМ преку фондот за преводи.

Предвидени се повеќе промотивни настани. Главниот настан е во сабота на 14 октомври, во 12 часот. Во саемската промотивна сала, во рамките на Македонскиот ден, ќе се одржи дебата на тема: „Преку границите: Предизвиците на патот кон меѓународна афирмација на книжевност на ’малите јазици’“. За напорите на издавачките компании и авторите во освојување на меѓународната книжевна сцена ќе говорат еден од најпреведуваните македонски автори и добитник на повеќе награди, меѓу кои и Европската награда за литература во 2013 година, Лидија Димковска, потоа Стефано Бисачи, италијански агент и сопственик на агенцијата „Темпи иреголари“ (Tempi Irregolari), Рената Замида од Словенечката агенција за книга, Гвантса Јобава, потпретседател на Здружението на грузиските издавачи и координатор на проектот „Грузија – земја гостин на франкфуртскиот саем во 2018 година“, како и претставници на Македонската асоцијација на издавачи. Целта на овој настан е да се споделат искуствата околу предизвиците за успешна меѓународна промоција на дела и автори од помали земји што не се толку познати на светската сцена.

На настанот ќе бидат поканети издавачки куќи, литературни агенти и професионалци кои учествуваат на саемот, а ќе бидат присутни и претставници од Министерството за култура на РМ.

Во рамките на придружните активности предвидени се повеќе настани на самиот штанд, меѓу кои промоција на детската македонска литература, како и интернационалната промоција на младата авторка Јана Мишо и нејзините два романи на англиски јазик – „Almost Parisian“ и „Anais from Monmartre“, претставување на делата на Дејан Дуковски и на Сашо Димоски, а ќе бидат промовирани и креативните интерактивни планери „ПланУМ“ и „Планум Приказна“.

Франкфурт е најзначајниот светски настан од областа на издаваштвото и литературата, каде што издавачи од цел свет се во трка по нови автори и овој саем е вистинското место за деловни средби и соработка меѓу македонските и интернационалните издавачки куќи со цел презентација на македонската литература. Досегашното искуство на македонските издавачи е позитивно и резултира во голем број договори за соработка, а тие очекуваат овој позитивен тренд да продолжи.

Под мотото „Francfort en français“ или „Франкфурт на француски“, Франција ќе се претстави како земја почесен гостин. Во фокусот на нивната презентација е францускиот јазик, што го зборуваат 247 милиони луѓе на пет континенти. Над 180 француски автори ќе ги промовираат своите дела на над 300 настани на разни саемски локации.

Саемот официјално ќе го отворат германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. „Присуството на Меркел и Макрон треба да ја симболизира поврзаноста на Франција и Германија и нивната посветеност за силна и обединета Европа“, вели Јирген Бос, директор на Саемот за книга.

Франкфуртскиот саем на книгата се смета за најголем и најпосетен во светот. Тој е вистинското место за средба на експертите од оваа бранша, најголем пазар за книги, преговори за права и лиценци, каде што се разменуваат искуства, се склучуваат договори, место каде што секоја година, без разлика дали се работи за издавачи, автори, книжари, агенти, сите тие се заедно во Франкфурт во октомври и ги креираат новите трендови.

Инаку, Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со 7.300 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.400 блогери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top