Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, претпладнево во Солун одржаа получасовна средба, по која не дадоа изјави за медиумите.
Како што јави известувачот на МИА, Димитров по разговорите со Коѕијас, замина на средба со градоначалникот на Солун Јанис Бутарис.
Средбите со Коѕијас и со Бутарис се одржуваат на маргините на квадрилатералниот состанок, на кој покрај Димитров и Коѕијас, учествуваат и министрите за надворешни работи и на Бугарија и Албанија.
Во македонската делегација се во Солун се и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за економија, Крешник Бектеши.
Министерската средба изутрината ја отвори Коѕијас, кој најави дека ќе се разговара за безбедносните прашања, јакнење на соработката во оваа сфера во контекст за новите предизвици со кои се соочува регионот, но и светот генерално, засилување на прекуграничната соработка, како и енергетиката, односно можноста за нови проекти во оваа сфера.
– Балканот е регион кој ветува многу во однос на развојот на енергетиката, во смисла на изградба на гасововоди и други проекти, поради што е потребно зајакнување на соработката меѓу земјите од регионот, а пред се на четирите, кои учествуваат денеска на квадрилатералната средба во Солун, Македонија, Грција, Бугарија и Албанија, рече Коѕијас.
Истакна дека на синоќешната работна вечера биле разгледани прашања поврзани со унапредување на меѓусебната соработка меѓу земјите преку министерствата за надворешни работи.
Предвидени се и поединечни состаноци на министрите за надворешни работи, за внатрешни работи, за енергетика и за економија.
Ова е втора средба во ваков формат, во рамки на напорите на грчката дипломатија за зајакнување на регионалната стабилност и трансграничната соработка меѓу соседните земји од јужниот дел на Балканот. Настанот ќе биде со поширок дневен ред и претставува продолжение на неодамнешните контакти на Коѕијас со неговите колеги од овие три земји за време на Генералното собрание на ОН од 18 до 22 септември во Њујорк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Никола Димитров „тежи” над 800.000 евра, а за школување на ќерка му плаќа државата
-
Инциденти во Солун, откажан говорот на министерот за образование на Грција
-
Четиригодишно дете загина при несреќа на минибус близу Солун
-
Коѕијас: Среќен сум за одлуката на Скопје, тврдењата за тајни фондови се одвратни