Започнува новот движење кое ќе ја донесе новата ера за Македонија, ера на просперитет, ера на напредок и на исполнети ветувања, одговорност, достоинство и заедништво. Ера која ќе ја предводи оваа наша Коалиција – Коалицијата „За подобра Македонија“ и која ќе покаже пред сите и дома и надвор, на сите оние кои можеби се оправдано загрижени или можеби барем малку се скептични дека да, ние можеме, Македонија може и мора подобро. Многу подобро од ова што сега го гледаме во овие четири месеци помрачување, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на големиот митинг во Ѓорче Петров.
-И кога спомнав веќе за помрачувањето, многумина велат што е помрачувањето? Ќе одговорам, помрачувањето во овие четири месеци го гледаме во многу форми. Секојдневна демонстрација на незаконско работење, незаконски назначувања и разрешувања. Незаконски вработувања, незаконски тендерски постапки, ставање на министри сами на себе да си бидат советници – и министер и советник на министерот. Незаконско работење. Секојдневна демонстрација на сила и насилие. Кривични пријави за над 10 кандидати за градоначалници. Пукања и ранети кандидати за градоначалници. Претепување на кандидати со шипки и со боксови. Денеска бев во обид да го посетам претепаниот кандидат за градоначалник во Шуто Оризари, обезбедувањето и лекарката ни рече „Не можеме да ве пуштиме, има пукнат череп, има скршен череп и не смееме да дозволиме да влегуваат луѓе. Можеби утре“, посочи Груевски.
Праша до каде дојде Република Македонија?
–На еден градоначалник му вперија пиштол во лицето, на друг кандидат за градоначалник, имаше пукање во Кичево, ранети, операции и сите треба да сме среќни бидејќи се во добра состојба. Трет граданачалник нападнат со шипки, со боксови. Не ни дозволуваат посети затоа што состојбата е прилично лоша. Ете тоа е СДСМ, така тие спроведуваат избори и така тие владеат. Тоа е помрачувањето. Помрачувањето е во секојдневно незаконско работење и секојдневна демонстрација на сила и на насилие, закани на институции додека МВР се претвора во партиска испостава. За вчерашниот настан велат дека се степале две групи, а всушност станува збор за организиран, планиран напад и обид за убиство на актуелниот и иден градоначалник на Шуто Оризари, Елвис Бајрам, вели Груевски.
Нагласи дека помрачувањето се гледа преку секојдневните измами со евидентни докази.
–Направија филмска измама со наводно производство на автобуси на фабриката „Санос“ која не работи, има три формално вработени, нема промет и нема производство. Поздравување во Њујорк, прикажано како состанок на кој се разговарале нешто. Во надворешната политика нема да има договор за Комисија за историја со Грција, па сега ќе има договор за Комисија за учебниците по историја со Грција. Секојдневни, ама онака, видливи, очевидни измами од високи политичари. Од премиери, од министри, без срам. Еден ден едно, по три дена обратното. Секојдневни промени на ветувања од оние пред изборните и активности спротивни на ветувањата, истакна Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ појасни дека СДСМ вети 10 отсто зголемување на субвенциите за земјоделство, а по изборите нема ништо од зголемувањето. Тој потенцира дека СДСМ предвидува оти оние земјоделци кои немаат поголемо производство од минатата година нема да добијат никакви субвенции. Груевски рече дека СДСМ едно ветиле за откупната цена на оризот, но оти денес реалноста е сосема поинаква.
–Секој ден говорење за реформи, а реформи во реалноста нема. Секој ден по 20 пати се споменуваат реформите, дали мислат дека народот не гледа или пак си мислат дека нешто се случува што тој не го забележува, не знам, ама под 20 пати на ден нема да се споменат реформи. 20 па нагаре, а една реформа не е завршена, и тоа е помрачувањето. Секојдневни обиди, минорните работи да се прикажат како нешто што ќе не збогати и ќе ни го промени животот. Од типот, радиодифузна такса која се уште се плаќа, евтина струја која се уште ја нема, погледнете си ги сметките сега, овие денови стигаат сметките за струја, видете дали ви се намалени сметките и дали е почнато да има евтина струја. Секојдневни активности да се запре или закочи или пак да се урне нешто создадено во времето на ВМРО. Се запреа трите автопатишта што се градеа, се запреа градби на училишта, на пример во Бутел училиштето, да почне градбата, парите обезбедни и сега нема градење. Зошто? „Затоа што тоа ВМРО го подготвило“, нагласи Груевски.
Потенцира дека истото тоа важи и за градинките, Драмскиот театар, театарот во Охрид, Универзалната сала, како и други проекти.
–Секојдневни активности да се запре, да се закочи или пак урне нешто што го започнало ВМРО. Или рушење на оградата да правеле, се решија во државата уште оградата на Владата и остана. Па уште и планови, дебати – што ќе правеле со железото. Се друго се реши, се исповработија луѓето, земјоделците пресреќни, пензионерите добија повисоки пензии, се се заврши, уште оградата на Владата остана. И за тоа дебати се водат. Кој споменик на некој револуционер кој го дал животот за Македонија или во најмала рака го ризикувал животот за Македонија да му се тргне и да се срози. Со тоа се занимаваат, и тоа е помрачување, потенцира Груевски.
Истакна дека помрачувањето се и секојдневните убедувања дека со штетни договори за Македонија се градат пријателства.
–Ние сме биле виновни за нерешните прашања со некои соседи и не биле виновни соседите. Сега со политика на целосно попуштање на се што ни бараат ќе сме изграделе пријателство и сега ќе ни биле најголеми пријатели. Откако сите ќе ни ја сменат историјата по нивни терк, откако ќе ни го сменат името на државата, името на јазикот, името на нацијата, сите ќе ни станеле најголеми пријатели. Ние сме биле виновниците од ВМРО, другата држава, соседната, била секогаш во право, подвлече Груевски.
Рече дека помрачувањето е секојдневната демагогија од СДСМ.
–Воздух за Берово, ама не и за Куманово, таму молчат за воздухот. За Берово немало воздух, во Куманово има. Енергија небаре биоенергетичари се, секој ден енергија даваме, енергија даваме. Луѓето се чудат – каква е енергијата. Се фалат со живот, небаре Господ се. Празни зборови, апстрактни фрази, ветер и магла колку сакате. Секојдневни обиди помрачувањето да го прикријат со напад на противникот, на опонентите, политички хајки и прогони секој ден. Што ручал некој министер пред три години, а и тие ручаат исто. Зошто купуваат бадеми? А и тие купуваат бадеми. Блиндирано возило кое скеој ден истите го возат. Секојдневни притисоци на медиумите, секојдневни притисоци на судството и судиите, на администрацијата. На странските инвеститори им покажуваат како да се натрапници и непожелни во Македонија, истакна Груевски.
Потсети дека за 15 дена поднесени се 15 кривични пријави за судии кои треба да судат.
–Медиуми кои се нападнати, се прогонуваат по судови и финансиски се исцрпуваат со цел да се уништат, со цел да се затворат. Медиуми кои што се исплашени за себе. Администрација за која не важат закони. Кого сакаат и кога сакаат уназадуваат или унапредуваат, нагласи Груевски.
Додаде дека СДСМ секој ден прави чекори и политики кои се спротивни на волјата на народот.
–Дали е штетниот договор со Бугарија, кој што цел народ е против. Дали е договорот сега што го спремаат со Грција, исто така, цел народ – против. Дали носењето на мигранти за што не дозволуваат народот да си го каже мислењето на референдум или пак неуставните закони кои се обидуваат да ни ги донесат. Секојдневно тонење на економијата. Почнете од намалениот извоз за 12 проценти, намалениот бруто домашен производ, индустриското производство што паѓа секој месец, намален промет во индустријата, намалена просечна плата, посочи Груевски.
Додаде нападите и предизборните инциденти покажуваат оти ВМРО-ДПМНЕ е вистинската гаранција за демократијата и дека луѓето кои живеат во Македонија не се обврзани да го толерираат ова помрачување. Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да ја помрачат светлата идинина на нацијата и државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст