| четврток, 6 декември 2018 |

Амди Бајрам: Тие што го претепаа Елвис, го држеа пазарот во Шутка со рекет и сила, а сега се со СДСМ

Амди Бајрам смета дека зад нападот стојат приврзаници на СДСМ. Тој очекува од Министерството за внатрешни работи да го расветли случајот и да ги изведе виновниците пред лицето на правдата.

– Пред 4-5 дена местевме банери и тие почнаа со инцидент. Му се јавивме на Оливер Спасовски и тој рече без разлика дали од ваша страна или од страна на СДСМ, кој ќе погреши нема привилегии. Според законот за сите ќе бидат преземени мерки, рече Амди Бајрам, кој се наоѓа пред болницата „8 Септември“ каде неговиот син, Елвис Бајрам е примен на лекување.

Според тоа што му го кажале оние кои биле со Елвис за време на нападот, Амди Бајрам вели дека син му го удирале со секири и со метални прачки.

-Тие се позната фамилија, тие го држеа пазарот во Шутка со рекет и сила, тие се тргнати од таму и сега се со СДСМ, со Курто Дудуш, рече Бајрам.

Елвис Бајрам попладнево додека имал средби со граѓани на Шуто Оризари во рамки на неговата предизборна кампања бил нападнат од страна на непознати лица со секири и со метални прачки. Со повреди бил пренесен во болница каде е задржан на лекување.

Пред болницата се насобрани поддржувачи на Елвис Бајрам, кој е во трката за нов мандат како градоначалник на Шуто Оризари.

Според информациите од МВР, околу 18 часот на улица Гвадалахара настанала меѓусебна тепачка меѓу две групи на граѓани.

„Екипи на СВР Скопје веднаш се упатиле на местото на настанот. Се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР и додаваат дека по извршениот увид ќе бидат познати повеќе детали.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top